Connect with us

Големи проблеми за Ашраф Хакими: Обвинет е за силување, му се закануваат 15 години затвор

Еден од најдобрите фудбалери на Пари Сен Жермен, Ашраф Хакими, се соочува со можност за затвор до 15 години поради обвинение за силување. Според весникот „Ле Паризиен“, обвинителството во париското предградие Нантер потпишало конечен обвинителен акт против мароканскиот репрезентативец, што може да резултира со официјално судење.

Случајот датира од февруари 2023 година. Тогаш 24-годишна жена изјавила дека се запознала со Хакими преку приватни пораки на Инстаграм. По виртуелна комуникација која траела повеќе од еден месец, таа го посетила во неговиот дом во Булоњ-Бијанкур, користејќи убер нарачан од фудбалерот. При пристигнувањето, ситуацијата брзо излегла од контрола.

Според тужителката, Хакими ја бакнувал по уста и по градите преку облеката без нејзина согласност. Иако таа јасно го одбила и се спротивставила, фудбалерот продолжил со несакани допири и ја силувал, при што имало пенетрација, пред таа да успее да го одбие со нога. Потоа, девојката во шок испратила порака на своја пријателка да дојде и да ја земе, а истата пријателка ги потврдила нејзините тврдења и нејзината состојба пред полицијата. Подоцна жртвата и формално го пријавила Хакими во полиција.

На 3 март 2023 година, Ашраф Хакими беше обвинет за силување и ставен под судски надзор. За време на сослушувањата, Хакими негирал било каква вина и изјавил дека станува збор за обид за изнудување пари. Пари Сен Жермен го поддржа својот фудбалер во текот на процесот.

Сега, обвинителството на Нантер официјално побара Хакими да биде обвинет пред департманскиот кривичен суд на О-де-Сен. Останува истражниот судија да ја потврди или отфрли основата за покренување на судскиот процес. Пари Сен Жермен сè уште нема дадено официјален коментар за најновите случувања околу својот фудбалер.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови