Connect with us

ФФМ му одговори на ФК Пелистер: Иронични сте, кога имаше одлуки во ваша корист, тогаш си молчевте (ВИДЕО)

Фудбалската федерација на Македонија експресно му одговори на ФК Пелистер, кој денеска јавно се пожали на тенденциозност при судењето на последните два првенствени натпревари.

Во соопшението на ФФМ, објавено на официјалниот сајт, се вели:

„Фудбалската федерација на Македонија се заложи за транспарентност и отчетност во своето работење како еден примарен постулат, со цел градење доверба и унапредување на фудбалската игра.

Неколку пати до сега посочивме дека Фудбалската Федерација на Македонија, преку Одборот на судии и стручните тела секој натпревар го следи со најголемо внимание и професионален пристап.

Судиите кои ги судат натпреварите се избираат и делегираат врз основа на нивната физичка подготвеност, знаење и досегашни перформанси, а нивната работа е предмет на детална анализа од страна на контролорите на судењето.

Впрочем, тоа се докажа во овој пролетен дел од првенството каде секоја судиска грешка беше воочена и соодветно оценета и транспарентно образложена, а од друга страна има и огромен број на тешки и предизвикувачки судиски одлуки кои се беспрекорно проценети од судиите и за волја на вистината не се ретки.

Ненамерни погрешни проценки се можни, како што е случај и во најразвиените првенства кои дури користат и ВАР технологија и судиските погрешни проценки биле, се и ќе се составен дел од фудбалската игра и оттука не смее да се фрли сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите.

Во однос на последниот првенствен натпревар помеѓу екипите на ФК Пелистер и ФК Вардар, иако контролорскиот извештај е се уште во подготовка, врз основа на достапните видео снимки од натпреварот во никој случај не можеме да потврдиме дека станува збор за очигледна и јасна судиска грешка.

Напротив, поставеноста на главниот судија, близината до местото на прекршокот и одлучноста во носењето на одлуката се елементи во судењето кои вообичаено резултираат со правилна проценка.

Во однос на натпреварот помеѓу ФК Пелистер и ФК Шкупи од претпоследното прволигашко коло, истакнуваме дека судиските перформанси се позитивно оценети како од нашиот контролор на судењето, така и од УЕФА менторот на нашиот нов ФИФА судија Влатко Илиоски, особено во одлуката за симулација на напаѓачот на ФК Пелистер во противничкиот казнен простор, ситуација koja е селектирана и прикачена на УЕФА платформата за видео анализа како позитивен пример на конзистентен критериум во одлучување.

Иронично е што управата на ФК Пелистер гласно реагира на одлуките на судиите, додека на претходните натпревари, кога тие беа во нивна корист, не издаде соопштение, ниту пак изрази загриженост за критериумот на судењето.

Ова само ја потврдува дволичноста во нивниот пристап, особено ако се земе предвид дека истите остана целосно без реакција и без осуда за расистичкото однесување на нивните навивачи, кои со мајмунски извици навредуваа противнички фудбалер.

Ова молчење не само што остава простор за толкување дека го одобруваат таквото срамно однесување, туку и покажува целосно отсуство на морална и спортска одговорност.

Професионално напоменуваме до управата на ФК Пелистер, за објективна фудбалска анализа и објективно и неселективно посочување на одредени ситуации, од причина што не само во овој пролетен дел од првенството, туку и во есенскиот дел оваа сезона имало погрешни судиски проценки кои резултирале во интерес на ФК Пелистер.

Или, можеби причината за нивниот различен пристап треба да се бара во тоа што во блиското минато уживаа привилигирана позиција и блиски односи со претходното раководство, а особено со судиската организација.

Во продолжение, погледнете само два примера што ги потврдуваат овие тврдења:

Ваквите ситуации само ја нагласуваат потребата од воведување на ВАР системот, кој би помогнал да се минимизираат судиските грешки и да се обезбеди фер и праведно судење, наместо натпреварите да бидат предмет на селективни реакции и двојни стандарди.

ФФМ останува посветена на фер-плејот и транспарентноста во судењето и продолжува со напорите за континуирано унапредување на судењето во македонскиот фудбал, а со тоа и сите фудбалски клубови се соодветно еднакво третирани.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови