Connect with us

Аморим: Сакам да останам во Манчестер Јунајтед уште 20 години

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, ја изрази својата амбиција и надеж дека ќе остане уште многу години во клубот. Португалецот призна дека минатата сезона често тргнувал кон натпреварите со тежина во срцето, затоа што знаел дека неговиот тим не е конкурентен, но верува дека сега ситуацијата е многу подобра и дека самата култура кај играчите почнува да се менува.

„Да, сакам да останам. Сакам да останам уште 20 години. Тоа е мојата цел и верувам, секогаш верувам. Нешто ќе се случи. Во некои моменти повторно ќе имам среќа. Имав многу среќа во текот на мојата тренерска кариера досега. Мојата идеја е да останам тука долго време, но сите знаеме дека резултатите ќе го одредат тоа. Минатата сезона веќе го искористив целиот кредит на доверба, па сега сум подготвен да почнам одново. Ми требаа пет години да го изберам овој клуб, и не сакам да пропаднам. Ако погледнете, во Спортинг беше исто. Ми кажаа дека по три месеци ќе бидам отпуштен. Ми кажаа и дека имам само три проценти шанси да ја освојам титулата со Спортинг.“

„Не беше важно како се враќав дома по натпреварите минатата сезона, туку како тргнував, затоа што чувствував дека ќе страдаме. Сите тешкотии што ги имавме на натпреварите ги чувствував однапред. Тоа беше најтешкиот дел – да тргнувам на меч и да знам дека нема да бидеме конкурентни. Кога се враќав дома, само се вртев кон моето семејство и се обидував да мислам на други работи. Но, бев навистина разочаран.“

„Имаше моменти минатата година кои беа навистина тешки за мене. Се чувствував како да треба само да преживеам до крајот. Се чувствував дека ги разочарувам сите овие луѓе. Во фудбалот, кога губиш многу натпревари, тешко е за сите да поверуваат во една идеја и во сите работи што сакаш да ги промениш. Затоа што мораше да почнам сè од почеток, со повеќе време и промени што тогаш не можев да ги направам. Знаев што треба да направам за да го променам клубот, но три месеци пред крајот на сезоната, целта беше да се обидам да ја освојам Лига Европа. Имавме многу проблеми, се обидувавме да ги зачуваме играчите и да ги пуштаме по 60-ина минути. Тоа не можеш да го правиш во Манчестер Јунајтед. Не можеш да размислуваш така. Затоа бев толку разочаран, затоа што не можев ништо да направам. Требаше да чекам, а да чекаш и да си тренер на Манчестер Јунајтед е како да влезеш во борба со спуштени раце.“

„Кога губиш, мораш да ја промениш културата, стандардите. Се чувствувам дека сега сме поорганизирани, секој знае каде му е местото. Тоа е моја работа и сите го знаат тоа. Изгледа како мала работа, но е огромна. Има работи што не ги знам, затоа ми требаат способни луѓе околу мене кои ќе ми помогнат да ја променам културата. Јас ја имам власта. Тоа е мојата работа, и клубот го сака тоа. Но, има и поважно – ми треба целиот клуб да се движи во иста насока. Го подобривме сè – медицинскиот тим, исхраната, начинот на однесување на турнеите, на теренот. Правилата. Сè е важно. Знам дека тие не се деца и не се однесувам со нив како со деца. Но, мислам дека тие мали правила можат да помогнат тимот да биде силен“, истакна португалскиот стручњак.

Стратегот на Манчестер Јунајтед е задоволен од досегашниот тек на летниот преоден рок.

„Навистина сум задоволен од играчите што ги доведовме. Тие се докажани во Премиер лигата, физички подготвени се и многу сум задоволен од нивниот карактер. Треба да бидеме малку поемотивни во овој тим. Со таа емоција ќе правиме повеќе жртви, ќе имаме повеќе темпо, повеќе енергија. Конкуренцијата ќе помогне. Ова е совршена година, затоа што нема да учествуваме во европските натпреварувања. Можеме да ги поставиме стандардите, па навистина ќе бидеме подготвени за следната сезона, со културата која веќе ја воспоставивме“, изјави Аморим.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови