Connect with us

МАКФУДБАЛ ИНТЕРВЈУ – Благоја Милевски: Македонија е сега во Топ 20 репрезентации во Европа!

За првпат ни ги отвори европските хоризонти. Во 2017 година ја одведе младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година на Европско првенство. А тогаш играа Барди, Елмас, Велковски, Муслиу, Бабунски, Шишковски, Маркоски…


Најголемиот дел од нив сега се дел од сениорскиот состав на Македонија кој играше на ЕВРО 2020, а избори и историски бараж за Светско првенство. За првпат во едни квалификации нашиот национален тим заврши како второпласиран во групата.

Благоја Милевски е темелен, скромен, секогаш им ги припишува заслугите на фудбалерите. Уште повеќе е нивен заштитник кога резултатот нема да биде каков што сме посакувале.

На таков начин го стартуваше својот пат како предводник на А-тимот на Македонија, преземајќи го во од, веднаш по завршувањето на Европското првенство.

„Ниту тогаш не се сомневав во квалитетот на оваа Македонија, која нема да бидам нескромен ако кажам дека сега се вбројува во Топ 20 репрезентациите во Европа. И тоа е привилегија за мене, да ги предводам момците, но исто така и обврска да продолжиме да работиме напорно и да веруваме дека можеме уште повеќе. Да, на почетокот имавме три ремија во низа, и посебно беше разочарувачки тоа што ни побегна победата над Исланд во Рејкјавик. Но, знаев и тогаш дека најважно ќе биде да не се загуби на тие три меча, против Исланд, Романија и против Ерменија. На крајот, упорноста, желбата, квалитетот, дојдоа до израз и го остваривме тоа што сите го посакувавме – пласман во баражот за Светското првенство. И веднаш сакам да кажам, дека за успехот се заслужни фудбалерите, и сакам да нагласам и да искажам благодарност и до Горан Пандев, кој беше предводникот во првиот дел од квалификациите, како и до мојот претходник, Игор Ангеловски, кој беше селектор се до завршувањето на Европското првенство“, вели Благоја Милевски.


Не беше лесно да се преземе селекцијата и веднаш да се влезе во квалификациски битки…

„Практично, со два тренинга…Но, ништо не е лесно во европскиот фудбал, а голема е честа и обврската да се предводи националниот тим. Искрено, воодушевен бев колку брзо фудбалерите ја сфатија мојата визија и веднаш почнаа да ја применуваат на теренот. Доминиравме и против Исланд во Рејкјавик, тие 70 минути беа можеби најдобрите откако сум тренер и сум предводел мој тим од клупата. Потоа се појавија индивидуални грешки, можевме и да победиме и да загубиме до крајот, а заврши 2-2. И мислам дека клучниот момент беше токму брзото психолошко опоравување од тој шок. Имавме состанок и сите беа свесни дека ништо не е загубено и покажаа верба дека можеме до крајот на квалификациите да го освоиме посакуваното второ место. Таа зрелост, тој ментален капацитет и вербата во своите квалитети беше пресуден фактор и тоа што не водеше напред до крајот на квалификациите. Верувавме дека ќе дојдат и головите и победите“, анализира селекторот Благоја Милевски.

Во Лихтенштајн се отвори, а потоа и надмоќно го победивме Исланд дома. Тогаш веќе се беше полесно, а и Милевски веќе имаше малку повеќе време да го подготви тоа што го сака со своите фудбалери.
Македонија избори историски бараж за Светско првенство, ждребот ни ги донесе најтешките ривали, европскиот првак Италија и потоа победникот од дуелот меѓу Португалија и Турција. Македонија ќе биде гостин на целиот пат до мундијалот во Катар.

„Секој натпревар е тежок, посебно на меѓународно ниво, а нема сомнение дека Италија е ривал со неверојатно педигре, актуелен европски првак. Но, силна е и Македонија, го докажа тоа во изминатиот квалификациски циклус и не е случајно во баражот. Нема да зборувам сега многу за Италија, затоа што имаме доволно време да се подготвиме и сигурно дека момците ќе го дадат и последниот атом од силите за повторно да направат сензација. А јас искрено, верувам во тоа“, вели селекторот на Македонија.

Од негова уста во божји уши, на овој голем празник, Христовото раѓање…Да има многу радости за Македонија и во 2022. Здравје, среќа и благосостојба за сите.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови