Шкендија го чува врвот, Македонија ЃП се протна против Пелистер, но Вардар го сопна Шкупи. Тимот од Чаир можеше да остане и без бод, се спаси во самиот финиш.
Работнички конечно прикажа каква што се очекува од тим кој има амбиции и за излез во Европа, а Академија Пандев „пркна“ малку со триумфот над Борец. Поплавата во Кратово и не е за коментар.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 16. коло во Првата фудбалска лига.
1. АРТАН ИЉАЗИ (ШКУПИ)
Голманот го спаси Шкупи од пораз против Вардар. Имаше неколку одлични интервенции, посебно во финишот од мечот, кога се кршеше резултатот. На Матеј Цветаноски му одбрани зицер, тоа ќе беше сигурен пораз доколку топката завршеше во мрежата.
2. ТОМЕ КИТАНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Одигра одлично, учествуваше во нападот постојано, а во дефанзива работата ја заврши без замерки.
3. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)
Капитенот им покажа на напаѓачите како треба откако виде дека се мачат цело полувреме. Ја закова топката во голот по корнерот од десната страна.
4. ДРАШКО ЃОРЃЕВИЌ (РАБОТНИЧКИ)
Уште еден дефанзивец кој го проби мразот на својот тим. Потоа за Работнички беше многу полесно.
5. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Искусниот играч за врска славеше јубилеј, сто натпревари во дресот на тимот од Ѓорче Петров и одигра без грешка. Секогаш инспиративен. максимално борбен, вистински пример и лидер.
6. ВАЛОН АХМЕДИ (ШКЕНДИЈА)
Се врати после повредата и веднаш ја презеде играта на Шкендија под свое. Диктираше темпо, прецизни додавања, смислени напади, проигрувања по крилните позиции.
7. МАТЕЈ ЦВЕТАНОСКИ (ВАРДАР)
Ја излуде одбраната на Шкупи. Луцидни дриблинзи, топка низ нозе, „тунел“, „лажњаци“, беше едноставно незадржлив. Штета што не ја круниса одличната игра и со гол, на крајот беше спречен од голманот на Шкупи.
8. ЛУКА СТАНКОВСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Има неверојатен радиус на движење, едвај е полнолетен, а игра бестрашно и веќе е еден од најголемите адути на Работнички. Успеа да постигне и погодок во триумфот на „романтичарите“.
9. НИКОЛЧЕ ШАРКОСКИ (РАБОТНИЧКИ)
Постигна гол, имаше асистенција и може да жали затоа што не погоди уште на самиот старт на натпреварот. ќе го олеснеше уште повеќе патот на својот тим до триумфот. Шаркоски одигра речиси перфектно.
10. КАЛИД АБДУЛ БАСИТ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Двоен стрелец за „лавовите“. Извлече победа со која Македонија ЃП се задржа во трката за шампионската титула. Физички надмоќен, едноставно за него нема одбрана.
11. МАРЈАН РАДЕСКИ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)
Со два гола го урна Борец во саниот финиш и донесе злато вредна победа за Академија Пандев. Радески потсети на репрезентативната форма иако има капацитет и за многу повеќе.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: РАТКО ДОСТАНИЌ
Работнички одигра за сите вкусови. Организирано, офанзивно и конкретно кон противничкиот гол. Создаде многу шанси, реализираше три, тимот на Ратко Достаниќ заличи на состав што има европски амбиции.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski