Connect with us

Милан го доби дербито со Рома, Павловиќ и Мењан се хероите на „росонерите“ (ВИДЕО)

Фудбалерите на Милан вечерва пред својата публика на „Сан Сиро“ ја совладаа Рома со минимални 1-0, во натпревар исполнет со голема борба, тактичка дисциплина и динамични моменти. Со оваа вредна победа, „росонерите“ се израмнија со Рома и Интер на делбата од второто до четвртото место со по 21 бод, само еден помалку од лидерот Наполи.

Римјаните го отворија мечот поагресивно и во првите триесет минути создадоа неколку сериозни закани кон голот на Милан. Најопасен беше Пауло Дибала, кој во 17. минута шутираше опасно покрај дирекот на Мењан. Како што одминуваше времето, Милан ја презеде контролата врз средината и почна да диктира темпо. Клучниот момент дојде во 39. минута — Леао поведе брза контра по левата страна, ја спушти топката кон центарот, каде што се најде Страхиња Павловиќ и со прецизен удар ја затресе мрежата на Свилар за водство од 1-0.

До паузата, домаќините имаа уште една голема шанса преку Бартезаги и Фофана, но без реализација. На стартот од второто полувреме, Милан продолжи со нападите. Во 47. минута Ричи биеше волеј од 18 метри, а веднаш потоа Леао можеше да го реши натпреварот, но Свилар блесна со извонредна интервенција. По корнерот на Модриќ, Павловиќ уште еднаш беше највисок во скок, но овојпат топката ја погоди стативата.

Домашните продолжија со офанзива, а во 68. минута Бартезаги го натера Свилар повторно да реагира одлично. Леао од одбиената топка успеа само да избори нов корнер. Во последните дваесетина минути, Рома го засили темпото и во 78. минута доби можност да израмни — ударот на Пелегрини заврши во раката на Фофана, а судијата веднаш досуди пенал.

Одговорноста ја презеде Дибала, но Мајк Мењан ја прочита неговата намера и со извонредна одбрана го сочува минималното водство на Милан. До самиот крај, „волчицата“ притискаше и се обидуваше да спаси бод, но одбраната на Милан предводена од херојот Павловиќ остана цврста. Србинот во 90. минута со уште една клучна интервенција го спречи ударот на Ел Шарави и го запечати триумфот на „росонерите“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови