Connect with us

Аморим не знае што да прави со Гарначо, Санчо, Ентони, Маласија…

Менaџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, успеа да ги исполни трите најголеми желби во летниот преоден рок со доведувањето на Матеус Куња, Брајан Ембеумо и Бењамин Шешко, значително зајакнувајќи го напаѓачкиот дел од тимот. Сепак, над него и понатаму виси големото прашање – што ќе се случи со фудбалерите на кои не смета за продолжението од сезоната.

Како што се приближува крајот на август и завршницата на летниот преоден рок, сè уште нема никакви индиции каде би можеле да ја продолжат кариерата Алехандро Гарначо, Ентони, Џејдон Санчо и Тајрел Маласија, што претставува сериозен проблем за Јунајтед и за Аморим.

Од оваа четворка, најзвучни имиња секако се Гарначо и Санчо. Аргентинецот инсистира единствено на трансфер во Челси, додека англиското крило беше на чекор до преселба во Рома, но зделката пропадна во последен момент.

Во пресрет на гостувањето кај Фулам, Аморим се осврна на најголемиот предизвик на Јунајтед ова лето, истакнувајќи дека му е непријатно да гледа фудбалери на тренинзите за кои знае дека немаат иднина на „Олд Трафорд“.

„Се обидуваме да ги поставиме работите така што сите страни ќе бидат задоволни. Не е лесно да се гледаат играчи како тренираат во клуб во кој немаат иднина, додека нивните соиграчи се борат за место во тимот. Кога ќе се затвори преодниот рок, ќе мора повторно да ги прифатиме и да се навикнеме на новата ситуација со нив“, изјави Аморим, чиј тим во западен Лондон ќе ги брка првите бодови во новата премиерлигашка сезона.

Пристигнувањата на Куња и Ембеумо дополнително ја комплицираат ситуацијата, бидејќи практично нема простор за Гарначо, Санчо и Ентони. Последните двајца, како учесници во минатосезонското финале од Конференциската лига, имаат дополнителна тежина поради високите плати, а ретко кој клуб е подготвен да преземе ризик и да ги доведе, и покрај нивниот неспорен квалитет.

Јунајтед досега успеа да се ослободи само од Маркус Рашфорд, кој оваа сезона ќе игра како позајмен во Барселона.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови