Connect with us

Стопирани се преговорите меѓу Барселона и Нико Вилијамс

Преговорите меѓу Барселона и Нико Вилијамс се стопирани во овој момент. Весникот „Ел Мундо Депортиво“, кој е близок до Барселона, објави дека клубот и понатаму е заинтересиран да го доведе Нико Вилијамс, 22-годишното крило на Атлетик Билбао, но преговорите со агентот на играчот се заглавени во последните денови.

Во редовите на Барселона владее загриженост и незадоволство поради новите барања кои ги изнел агентот на Нико. Минатата недела, двете страни устмено се договориле за шестгодишен договор и висината на платата, но штом се започнало со формализирање на договорот во документација, агентот почнал да поставува високи и неочекувани барања, што целосно ги изненадило претставниците на Барса.

Агентот на Нико Вилијамс поставил специфични услови за гаранции поврзани со регистрацијата на играчот, кои во моментов Барселона ги смета за неприфатливи. Ситуацијата е дополнително усложнета од претходните проблеми на клубот со регистрацијата на Дани Олмо и Пау Виктор, па Нико не сака да доживее сличен случај.

Иако Барса му дала гаранции дека ќе биде регистриран, тоа не е доволно за Нико и неговиот агент, што клубот го доживува како промена на тонот и недоверба, особено ако се спореди со почетните разговори, кога играчот изразувал желба да се пресели на „Камп Ноу“.

Според „Ел Мундо Депортиво“, доколку Нико Вилијамс ги ублажи барањата и покаже дека му е приоритет да премине во Барселона, преговорите може да продолжат. Клубот не се откажува од трансферот, но е незадоволен од текот на разговорите во последните денови.

Во меѓувреме, Баерн Минхен исто така покажал интерес за Нико Вилијамс и нема проблем да ја плати откупната клаузула, но играчот преферира трансфер во Барселона. Сепак, поради нарушените односи со каталонскиот клуб, и Атлетик Билбао би сакал да го продаде во Баерн Минхен, наместо во Барселона.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови