Connect with us

Деспотовски: Не ги делам Македонија и Србија – и двете се мои земји, а Елмас и Барди се волшебници со топката

Македонската фудбалска репрезентација доби нова свежина во одбраната со успешното деби на Стефан Деспотовски, кој како стартер се најде во почетниот состав на натпреварот против Казахстан. Младиот дефанзивец имаше сигурна партија и значително придонесе за минималната победа на нашата селекција на гостински терен.

Роден во Скопје, но израснат во Белград, Деспотовски ја градел својата фудбалска кариера низ младинските категории на српските гиганти Црвена Звезда и Партизан. Во сениорската конкуренција настапуваше за повеќе клубови, а оваа сезона ја започна во Шериф Тираспол од Молдавија. Сепак, во потрага по континуитет и поголема улога, се врати во Србија, во редовите на ОФК Белград, каде што стана стандарден првотимец.

Во разговор за српскиот медиум „Моцарт Спорт“, Деспотовски говори со емотивен тон за својот личен и професионален пат:

„Не ги делам Македонија и Србија – и двете ги доживувам како свои. Родителите ми се Македонци, семејството исто така, а јас сум само израснат во Србија. Имам голема љубов кон двете земји. Играв за сите младински категории на Србија до У21, но откако дојдов во ОФК Белград, добив повик од македонската сениорска репрезентација. Благодарен сум на селекторот што ми ја даде шансата да дебитирам и да ги одиграм тие 90 минути. Засега сме први во групата и се надеваме дека ќе обезбедиме пласман на Светското првенство.“

Деспотовски, кој настапува како централен дефанзивец, не ја крие својата импресија од квалитетот на македонската репрезентација:

„Македонија има поголем квалитет отколку што многумина мислат. Тоа го покажавме против Белгија овој месец, но и претходно – против Италија во Палермо, па и против Германија во Дуизбург. Оваа година немаме ниту еден пораз – играме на високо ниво и тоа треба да продолжи.“

Посебна пофалба упати за соиграчите Елиф Елмас и Енис Барди, кои според него се врвни техничари:

„Како дефанзивец, кога треба да го чувам Елмас, сфаќам колку е тоа тешко. Во моментот мислиш дека ќе му ја одземеш топката, а тој со само еден потег ја тргнува на страна и продолжува со акцијата. Навистина остави силен впечаток. Истото важи и за Барди – неговата способност да ја скрие топката е феноменална.“

Стефан Деспотовски со своето деби не само што внесе стабилност во одбраната на Македонија, туку и најави дека во него се крие голем потенцијал и борбен дух кој ќе биде од корист за националниот тим на патот кон големиот светски фудбалски настан.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови