Connect with us

Зидан: Заминувам од Реал Мадрид зошто клубот не верува во она што го правам

Францускиот стратег Зинедин Зидан испрати отворено писмо до јавноста објаснувајќи ги причините за неговото заминување од Реал Мадрид. Вели дека одлуката ја донел затоа што чувствува дека клубот не му ја дава веќе потребната самодоверба за тоа што го работел секојдневно во „кралскиот клуб“. Пресуден момент бил ултиматумот што го добил дека ќе мора да го победи следниот натпревар доколку сака да не добие отказ.

Отвореното писмо на Зинедин Зидан објавено во „Марка“ го пренесуваме во целост.

Драги мадридисти,


Дваесет години, од првиот ден кога стапнав во градот Мадрид и го облеков белиот дрес, вие ми ја подаривте својата љубов. Отсекогаш чувствував дека има нешто многу посебно меѓу нас. Имав голема чест да бидам играч и тренер на најважниот клуб во историјата, но пред сè сум само уште еден играч на Реал Мадрид. За сето ова, сакав да го напишам ова писмо за да се збогувам со вас и да ја објаснам мојата одлука да ја напуштам клупата.

Кога во март 2019 година се согласив да се вратам како тренер во Реал Мадрид по пауза од околу осум месеци, тоа беше затоа што добив покана од претседателот Флорентино Перез, но, се разбира, затоа што и вие тоа ми го кажувавте секој ден. Кога се сретнав со еден од вас на улица, ја почувствував поддршката и желбата да бидам повторно со тимот. Бидејќи ги делам вредностите на мадридизмот, овој клуб кој им припаѓа на неговите членови, на навивачите ширум целиот свет. Овие вредности се обидов да ги пренесам во сè што направив, се обидов да бидам пример. Поминувањето на дваесет години во Мадрид беше најубавото нешто што ми се има случено и знам дека му го должам нему. Посебно на Флорентино Перез кој веруваше во мене во 2001 година, кој се бореше за мене, ме убеди да дојдам иако имаше одредени луѓе кои беа и против тоа. Јас тоа го велам од моето срце, секогаш ќе му бидам благодарен на претседателот за тоа. Секогаш.

Сега решив да заминам и сакам добро да ги објаснам причините. Одам, но не скокам од бродот и не сум уморен од тренинзи. Во мај 2018 година заминав затоа што по две и пол години со толку многу победи и толку многу трофеи почувствував дека на тимот му треба нов дискурс за да остане на врвот. Денес работите се поинакви. Заминувам затоа што чувствувам дека клубот повеќе не ми ја дава потребната самодоверба, не ми нуди поддршка за да изградам нешто повеќе на среден или долг рок. Го знам законитостите на фудбалот и ги знам барањата на клуб како Реал Мадрид, знам дека кога не победуваш мора да одиш. Но, тука е заборавена една многу важна работа, сè е заборавено од она што го изградив од ден на ден, што придонесов во односот со играчите, со 150-те луѓе кои работат со и околу тимот. Јас сум роден победник и бев тука за да освојувам трофеи, но надвор од ова се човечки суштества, емоции, живот и имам чувство дека овие работи не биле доволно ценети, дека не е разбрано како се одржува и динамиката на одличен клуб. Дури, на некој начин, ме прекоруваа.

Сакам да го почитувам тоа што го направивме заедно. Би сакал во последните месеци мојот однос со клубот и со претседателот да беше малку поразличен од оној на другите тренери. Не барав привилегии, се разбира, туку малку повеќе меморија за минатото. Денеска животот на тренер на клупата на голем клуб е две сезони, не повеќе од тоа. Да траат подолго, човечките односи се од суштинско значење, поважни се од парите, поважни од славата, поважни од сè. Мора да се грижите за нив. Затоа многу ме повреди кога читав во печатот, по еден пораз дека тие ќе ме избркааат ако не победам на следниот натпревар. Ме повреди мене и целиот тим затоа што овие пораки намерно протекоа до медиумите, создадоа негативно мешање во тимот, создадоа сомнежи и недоразбирања. Добро што имав неколку прекрасни момчиња кои беа со мене до смрт. Кога работите станаа грди, тие ме спасија со големи победи. Затоа што тие веруваа во мене и знаеја дека јас верувам во нив. Секако дека не сум најдобриот тренер на светот, но јас сум способен да им дадам сила и самодоверба што им е потребна на сите во својата работа, било да се играчи, член на стручен штаб или кој било вработен. Знам точно што му треба на тимот. Во текот на овие дваесет години во Реал Мадрид, научив дека вие, навивачите, сакате да победуваме, се разбира дека сакаме и ние, но пред сè сакате да дадеме сè од себе, тренерот, вработените, работниците и секако фудбалерите. И можам да ве уверам дека ние дадовме 100% од себе за клубот.

Го користам ова писмо за да испратам порака и до новинарите. Направив стотици прес-конференции и за жал многу малку зборувавме за фудбалот и знам дека и вие го сакате фудбалот, дека овој спорт не обединува. Како и да е, без да се преправам дека ве критикувам или да ви држам лекции, би сакал прашањата да не беа секогаш насочени кон полемики, почесто да зборувавме за топката и пред се за играчите, кои се секогаш најважни во оваа игра. Да не го заборавиме фудбалот, да се грижиме за фудбалот.
Драги мадридисти, јас секогаш ќе бидам еден од вас. Хала Мадрид!“

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови