Connect with us

Водечкиот гол на Барселона предизвика контроверзи: „Замрзнатиот“ кадар на ТВ и ВАР не се поклопуваат… (ВИДЕО)

Фудбалерите на Барселона синоќа ја совладаа Борусија Дортмунд со убедливи 4-0 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, практично обезбедувајќи си место во полуфиналето. Сепак, големи контроверзии предизвика првиот гол на каталонскиот тим.

Барселона поведе во 25. минута по слободен удар од десната страна кој го изведе Фермин Лопез. Тој ја нафрли топката на втората статива, Ињиго Мартинез ја спушти со глава до Пау Кубарси, кој шутираше од пет метри, но пред топката да ја премине гол-линијата, Рафиња влета и ја втурна во мрежата.

По голот, ВАР судиите Денис Хиглер и Клеј Руперти две минути ја прегледуваа ситуацијата и на крајот го признаа голот како регуларен.

Во Лигата на шампионите се користи полуавтоматска офсајд технологија, која преку анимација покажа дека Рафиња не бил во офсајд кога Кубарси ја допрел топката.

Но, многумина се сомневаат во исправноста на одлуката, бидејќи ВАР судиите долго се консултираа, иако системот обично автоматски и речиси веднаш покажува дали има офсајд или не.

Контроверзијата се појави бидејќи снимката од телевизискиот пренос и анимацијата на полуавтоматскиот офсајд не се поклопуваат.

На ВАР анимацијата, Рафиња изгледа дека е на линијата на петте метри, додека на ТВ снимката изгледа дека е веќе внатре.

Дополнително, ВАР го земал Серху Гираси како последен дефанзивец, а не Рами Бенсебаини, што исто така предизвика револт кај навивачите на Борусија Дортмунд.

Самиот Рафиња по натпреварот изјави:

„Бев загрижен дали сум бил во офсајд или не. Не бев сигурен. Му реков на Кубарси дека ја допрев топката пред да влезе во мрежата и му се извинив. Тој ми рече дека е задоволен, бидејќи сепак има асистенција.“

Реваншот се игра на 15 април на „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд, каде Борусија ќе се обиде да направи чудо и да се врати од големата негатива.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови