По цели осум години и 21 натпревар, најтрофејниот македонски клуб конечно го совлада големиот ривал Шкендија. Во дербито на десеттото коло од Првата македонска лига, „црвено-црните“ приредија сензација среде Тетово, славејќи минимална, но огромна победа од 0–1.
Со триумфот Вардар се искачи на врвот на табелата по десет одиграни кола со 24 бода, еден повеќе од Струга, додека актуелниот шампион Шкендија падна на четвртата позиција со 21 бод.

Првото полувреме мина во внимателна игра и тактичко надмудрување. Двете екипи влегоа претпазливо, без многу ризици. Шкендија се обидуваше со удари од далечина, но голманот Давор Талески беше непремостлива пречка. Вардар прв се закани преку Мато, кој продре по левата страна и создаде мешаница пред голот на Гаје. Матиќ и Омерагиќ исто така имаа шанси, но среќата не беше на нивна страна.
Највозбудливиот момент во првиот дел се случи во 31. минута — вистинска фудбалска драма пред голот на Вардар. Прво Ибраими со слободен удар го натера Талески на блескава интервенција, потоа Спахиу шутираше, но Најдовски ја исчисти топката од гол-линијата. Ибраими повторно се обиде, но повторно Талески беше херојот. На одмор се замина со 0–0.
Само што започна второто полувреме, се случи клучниот момент. Алхасан непотребно играше со рака во својот шеснаесетник, а судијата Трпчевски веднаш покажа на белата точка.
Давид Бабунски презеде одговорност и со ладнокрвна изведба донесе водство за Вардар – 0–1 во 49. минута.
По голот, Вардар продолжи со самодоверба и дисциплина.
Шкендија се обидуваше да израмни до самиот крај, а во 87. минута Бесарт Ибраими ја затресе мрежата на Вардар — но радоста траеше кратко. ВАР-собата утврди офсајд ситуација и голот не беше признат.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум го задржа врвот на табелата по деветтото коло откако одигра 2-2...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ТРЕНЕР на колото: Бобан Грнчаров (Македонија ЃП)
Македонија ЃП оствари убедлив триумф над Арсими (4-1) и се придвижи кон средишниот дел...
Автор makfudbal













