Connect with us

Струга ТЛ на гости кај Работнички, Шкупи на искушение во Струмица

Лидерот Струга Трим Лум гостува (15 часот) на Работнички на стадионот „Борис Трајковски“ и се надева дека ќе им се врати на победите во шампионатот. Трката за шампионската титула со Шкупи и со Шкендија продолжува, а дефанзивецот Сава Радич најавува триумф.


„Имаме важно гостување кај екипата на Работнички. Ќе биде тоа тежок натпревар кој е од големо значење за нас. Ја респектираме екипата на Работнички, но ние знаеме што сакаме и за што одиме во Скопје. Имаме своја цел, да освоиме три бода, се подготвивме добро за овој натпревар. Најважно е да ги исполниме барањата на тренерот, да бидеме фокусирани и мислам дека нема да имаме проблеми“, изјави Сава Радич.

Работнички исто така има план да се врати во позитивен ритам откако во минатото коло загуби од Шкупи.

Тимот од Чаир денеска го очекува тешко гостување кај Академија Пандев. Шкупи дојде на два бода негатива во однос на Струга ТЛ и чека шанса за да го преземе врвот. Составот на Гоце Седлоски ќе се обиде да возврати за ремито (3-3) што Академија Пандев го извлече на претходниот дуел во Кичево.

Шкендија утре ќе има дуел против Скопје на „Автокоманда“.

Македонија ЃП со новиот тренер Горан Симов ќе гостува во Кавадарци против Тиквеш, а Самир Фазли верува во успех.

„Немаме што да загубиме во Кавадарци, одиме на секој натпревар да се надигруваме. Уште 27 бода се во игра и борбата за четврто место не е завршена. Тренерска промена ќе донесе позитивна енергија, ние сме професионалци и на секоја задача мораме да одговориме, дали е нов или стар тренер нашата обврска кон клубот е голема“, истакна Фазли.

Победа во Прилеп ќе го пречека Силекс и се надева дека ќе се оттргне од летаргијата.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 24.КОЛО (денеска, 15 часот)


РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТЛ

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ

ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП

ПОБЕДА – СИЛЕКС

СКОПЈЕ – ШКЕНДИЈА (утре, 15 часот)

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови