 
																												
														
														
													Македонскиот фудбалски првак Шкендија се врати на победнички пат, откако на гостински терен во Струмица ја совлада Брера Струмица со 2-3 и ја прекина серијата од две средби без триумф во Првата македонска фудбалска лига. Оваа победа воедно е и одлична увертира пред претстојниот европски дуел со Јагиелонија во Лигата на конференции на УЕФА.
Натпреварот на стадионот „Благој Истатов“ понуди многу возбудувања, голови и шанси, но и откри сериозни слабости во дефанзивата на тетовскиот тим, кои мора да се коригираат пред европското искушение.
Средбата започна со иницијатива на домаќинот. Веќе во четвртата минута Нзенге го натера голманот Гаје да интервенира со одлична одбрана. Но, првата шанса за Шкендија донесе и водство – во 12. минута Фитон Адеми ја искористи големата грешка на младиот голман Илоски, кој ја процени лошо топката и дозволи таа да го прелета. Асистент беше Вебстер, а гостите поведоа со 0-1.
Во 17. минута Нзенге повторно се закани, но Гаје повторно беше сигурен. На другата страна, Илоски во 25. минута спречи погодок по шут на Спахиу, но само две минути подоцна повторно капитулира. По одлично додавање од Адеми, Ване Крстевски втрча во шеснаесетникот и со прецизен удар во спротивниот агол зголеми на 0-2, постигнувајќи го својот прв гол сезонава – токму против својот поранешен клуб.
До крајот на првото полувреме, Шкендија имаше уште една шанса преку Красниќи, но Илоски одбрани. Брера, пак, остана без Антовски, кој се повреди и мораше да биде заменет.
Вториот дел започна со брз гол за домаќините – во 54. минута Нзенге му избега на Вебстер, излезе сам пред Гаје и намали на 1-2. Сепак, само шест минути подоцна Красниќи повторно донесе мир за тетовци со гол за 1-3, по убава акција со Зејнулаи и Трумчи.
Во 63. минута Нзенге промаши пенал, откако Гаје го одбрани неговиот удар, но се реваншира во 70. минута, кога ја избегна офсајд-замката и намали на 2-3. Голот беше проверен со ВАР, но на крај беше признат.
Во последните моменти од натпреварот, Брера тргна по изедначување. Најблиску беше повторно Нзенге во 93. минута, но неговиот удар беше блокиран и испратен во корнер. По тој прекин, Никола Величковски шутираше со глава крај левиот дирек.
 
												
																					- 
															
								    МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГАВардар по осум години ја победи Шкендија, и тоа на гости во Тетово со... Автор makfudbal
- 
															
								    МАКФУДБАЛ ТРЕНЕР на колото: Гоце Седлоски (Вардар)По осум години Вардар ја тресна Шкендија, и тоа во Тетово со 0-1. Цврст... Автор makfudbal
 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																					 
																							 
																							 
																							 
																							 
																							 
																							 
																							 
																							 
																							 
																							













 
														 
														 
														