
Македонската репрезентација утре ќе се соочи со Казахстан во Астана без селекторот Благоја Милевски, кој поради акумулирани жолти картони нема да седи на клупата. Неговото место ќе го преземе асистентот Роберт Стојановски, кој ќе ја води селекцијата во важниот квалификациски дуел.
И покрај тоа што Казахстан пред три дена убедливо загуби со 4-1 во контролен натпревар против Белорусија, во македонскиот табор нема место за потценување.
„Дојдовме со јасна цел – да одиграме добро и да оствариме позитивен резултат. Резултатот на Казахстан од контролниот меч не смее да нè залаже. Станува збор за тим што заслужува почит. Играат цврсто, компактни се на сите позиции, и не би издвоил поединци – тие функционираат како колектив“, истакна Стојановски.
Натпреварот ќе се игра на вештачка подлога на „Астана Арена“, но селекцијата е свесна за условите и, според Стојановски, тоа нема да биде пречка.
„Играчите се професионалци. Навикнати се на различни терени и услови, и тоа нема да биде алиби. Да, доаѓаме по исцрпувачки меч со Белгија, но екипата е физички и психолошки подготвена да одигра на највисоко ниво“, додаде тој.
Македонија го анализираше играчкиот стил на Казахстан и се подготвува за сериозен предизвик.
„Цела година работиме за овие квалификации. Добро сме ги проучиле, знаеме што нè чека. Ова ќе биде сосема различен меч од нивниот против Белорусија – со поинаков интензитет, поинакви емоции. Ние сме тука да дадеме сè од себе“, порача Стојановски.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија ја освои шампионската титула во Првата лига, а излез во Европа и настап...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА: Бесарт Ибраими (Шкендија)
Тој е човек – титула. Каде игра Бесарт, тимот ја освојува шампионската круна. Така...
Автор makfudbal