Македонија не успеа да ја продолжи серијата добри резултати на домашен терен и против Полска, губејќи со 0-1 за прв пораз во рамките од квалификациите за ЕВРО 2020. „Црвено-жолтите“ имаат за што да жалат, по подолго време на трибините беа присутни над 20.000 навивачи, а и противникот не делуваше премногу моќно. На крајот, сепак пресуди поголемото искуство на фаворитот, но и големата среќа, бидејќи Полјаците единствениот гол го постигнаа од прекин, по големата грешка на нашиот репрезентативец Езгијан Алиоски.
Мотивирани што играат пред полни трибини, македонските фудбалери подобро го отворија натпреварот, па веќе во петтата минута ја имавме и првата шанса – Елмас биеше одлично од дваесетина метри, а Фабијански одби во корнер. Следеше и обид со глава на Илија Несторовски, но македонскиот напаѓач шутираше непрецизно. Петнаесетина минути им беа потребни на Полјаците да воспостават рамнотежа на теренот, но со Левандовски како осамен напаѓач гостите не создадоа ниту една стопроцентна шанса до крајот на полувремето.
Тоа беше доволен повод веќе на самиот почеток од второто полувреме на теренот да истрча Пјонтек, а неполни две минути му беа доволни на напаѓачот на Милан да се запише меѓу стрелците. По еден корнер од десната страна катастрофално лошо реагираше Алиоски, кој наместо да ја исфрли топката кон центарот ја врати во срцето на шеснаесетникот, кае во мешаницата Пјонтек ја смести во мрежата на Македонија.
Гостите добија на самодоверба, па создадоа уште две шанси што не успеаја да ги искористат, шутирајќи непрецизно од одлични ситуации. Македонија најубавата можност ја имаше во 75. минута, Несторовски се обиде мајсторски да бие од петнаесетина метри и пласираше во долниот десен агол, Фабијански со крајни напори интервенираше, а Алиоски шутираше многу слабо во обидот одбиената топка да ја смести во мрежата.
Со влегувањето во игра на Трајковски и на Адеми играта целосно се пресели на противничката половина, но иницијативата не беше крунисана и со израмнувачки погодок. Проблемите се зголемија на пет минути до крајот, откако Муслиу го заработи и вториот жолт картон, по што беше исклучен, па сега одличниот дефанзивец ќе го пропушти наредниот дуел, со Австрија во Скопје. И покрај големата желба и на теренот и на трибините, голот за израмнување изостана, па Македонија по три одиграни кола остана со четири освоени бода, во пресрет на домашниот меч со Австрија што на програмата е в понеделник.
МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА 0-1 (0-0)
Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 25.000. Судија Џанлука Роки (Италија). Стрелци: Пјонтек 47’. Ж. картони: Муслиу, Несторовски (Македонија), Глик, Беднарек (Полска). Ц. Картон: Муслиу 85’
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовск (Адеми 75’), Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Николов (Трајковски 62’), Елмас, Пандев (Хасани 84’), Несторовски.
ПОЛСКА: Фабијански, Кедзиора, Беднарек, Глик (Горалски 90’), Бережински, Клих, Криховјак, Франковски (Пјонтек 46’), Гросицки (Рибус 70’), Зјелински, Левандовски.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski