Connect with us

Мурињо се враќа на „Стемфорд бриџ“: Сега сум „црвен“, не сум „син“, но мислам дека нема да добијам свирежи

Жозе Мурињо го предупреди Челси дека нема да биде сентиментален кога ќе ја предводи Бенфика во долгоочекуваното враќање на „Стемфорд Бриџ“. „Специјалниот“ се враќа на добро познатиот стадион вечерва од 21 часот, кога португалскиот гигант ќе се соочи со тимот на Енцо Мареска во натпревар од Лигата на шампионите.

Мурињо ја изгради својата репутација како еден од најголемите менаџери во историјата на Премиер-лигата за време на двата успешни мандати во Челси. Во првиот престој (2004–2007) освои шест трофеи, меѓу кои две титули и ФА Куп. По успешните авантури во Интер и Реал Мадрид, Португалецот се врати во Лондон во 2013 година и додаде уште една шампионска титула, пред повторно да си замине во 2015-та.

Иако призна дека Челси секогаш ќе биде негов дом, Мурињо потенцира дека ќе ги задржи емоциите под контрола.

„Се чувствувам како дома. Веќе сум играл тука со Тотенхем, Манчестер Јунајтед и Интер. Но, јас веќе не сум ’син’. Јас сум ’црвен’. И сакам да победам. Очекувам два тима кои ќе играат исклучиво за победа, особено Челси, бидејќи го загубија првиот меч со Баерн. Ние мора да се браниме добро и да се обидеме да победиме. Нашата група со Челси, Реал Мадрид и Њукасл е навистина тешка. Вечерва мора да освоиме бодови“, истакна Мурињо.

Иако ќе биде на клупата на противникот, Мурињо верува дека навивачите на Челси нема да го исвиркуваат.

„Не мислам дека фановите ќе ме исвиркуваат. На улица ме запираат за фотографии и селфиња, така што сум спокоен.“

За Челси, едно од отсуствата за дуелот ќе биде Кол Палмер, кој се рехабилитира од повреда во препоните. На прашање за неговото отсуство, Мурињо одговори со типичен хумор:

„Драго ми е што нема да игра. Мојот Челси беше машина за победи – големи инвестиции, но и огромна амбиција. Потоа клубот изгуби малку од насоката, што беше тешко за луѓето кои го сакаат. Сега Енцо Мареска го реди мозаикот парче по парче – ја освоија Конференциската лига, Светското клупско првенство и веќе имаат многу добар тим. Ако Палмер не е проблем за Челси поради повреда, тоа би бил голем проблем за мене. Истото важи и ако мои играчи како Судаков или Павлидис не се на располагање.“

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови