
Глазгов Ренџерс ја започнаа Лига Европа со пораз пред своите навивачи – белгискиот Генк славеше со 0-1. Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски натпреварот го почна од клупата и влезе во 80. минута, но немаше доволно време да промени нешто за својот тим, кој уште од првото полувреме играше со човек помалку.
Финишот на првиот дел донесе најмногу возбудувања – Мохамед Диоманде заработи директен црвен картон, а Генк пропушти златна шанса од пенал преку Хеонг-Гју Ох. На паузата резултатот остана 0-0.
Во второто полувреме, токму корејскиот напаѓач се реваншираше за промашувањето и во 55. минута донесе водство за Генк (0-1). Белгискиот тим имаше уште неколку добри прилики, а постигна и втор гол, кој беше поништен поради офсајд.
Ренџерс, и покрај бројчаната нерамнотежа, се обидуваше преку прекини и нафрлени топки да дојде до израмнување, но без успех. Со влегувањето на Миовски нападот доби свежина, но тој не доби вистинска шанса за погодок. Генк заслужено замина со цел плен и првите три бода во групната фаза.
Штутгарт на домашен терен славеше против Селта со 2-1. Головите за германскиот тим ги постигнаа Бадредин Буанани и Билал Ел Канус, додека за Шпанците почесниот гол го постигна Борха Иглесијас во 86. минута.
Порто славеше со 0-1 на гости кај Салцбург. Вилијам Гомес со гол во 93. минута ѝ донесе победа на екипата на Порто.
Астон Вила ја оправда улогата на фаворит и со минимална победа од 1-0 над Болоња ја отвори новата сезона во Лига Европа. Клучниот момент се случи во 13. минута, кога капитенот Џон Мекгин со прецизен удар од преку 20 метри ја затресе мрежата на гостите. Англискиот тим имаше шанса да ја завери победата со повисок резултат, но Оли Воткинс во 68. минута не реализираше пенал.
Најубедливата победа во вечерната програма ја оствари Панатинаикос. Грците на гостувањето кај Јанг Бојс славеа со високи 1-4, откако уште во првото полувреме постигнаа три гола во период од само девет минути.
Лион по пауза од неколку години повторно настапува во Лига Европа и го започна настапот со победа. Францускиот тим го совлада Утрехт со 0-1, благодарение на погодокот на Тесман во второто полувреме.
Единствениот дуел кој заврши без победник се одигра во Будимпешта, Ференцварош и Викторија Плзен ремизираа 1-1.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум го освои Кратово и покажа дека има намера да се бори...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Недим Хаџиќ (Башкими)
Башкими има четири победи во седум кола и уште на стартот од сезоната им...
Автор makfudbal

Интернационалци
Аврамовски двоен стрелец во триумфот на Сиваспор (ВИДЕО)
