Connect with us

Мијатовиќ откри јавно: Партизан има долг од 53 милиони евра

Српскиот фудбалски гигант Партизан има огромен долг во висина од 53 милиони евра. Ова го објави директорот за спортски прашања во клубот и легенда на „гробарите“ и Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ.


Славниот голгетер е дел од работната група која ја анализира финансиската состојба на белградскиот клуб.

„Време е да направиме пресек на сработеното во последните три месеци и да ја претставиме информацијата на јавноста, а пред сè на навивачите на Партизан. Вкупниот долг на фудбалскиот клуб изнесува 53,18 милиони евра. Од нив, Партизан должи 7,25 милиони евра на други клубови – странски и српски. Вкупниот долг кон фудбалери, тренери и други специјалисти изнесува 10,22 милиони евра. Даночниот долг е 22,47 милиони евра. Треба да додадеме и 4,91 милиони евра за фудбалски агенти, кредити во износ од 6,8 милиони евра и други долгови од 1,47 милиони евра. Ова е точната сметка. Нашата проценка е дека до крајот на сезоната овој долг ќе се намали за 3,8 милиони евра“, изјави Мијатовиќ пред медиумите во Белград.

Тој откри дека 25 фудбалери имаат клаузула во своите договори според која добиваат голем личен процент од идните трансфери во други клубови. Пеџа го определи ова како „скандалозно“ и даде пример со својот трансфер во Шпанија во 90-тите години од минатиот век.

„Не сакам да споменувам имиња. Ова се случило, го има во договорите, но во иднина нема да се случува“, додаде легендарниот напаѓач.

„Од 1 јануари 2017 година досега, Партизан има заработено вкупно 145,81 милиони евра врз основа на спонзорства од јавни компании, државни субвенции, продажба на играчи и приходи од УЕФА. Добивме 11,68 милиони евра од јавни претпријатија, директната државна помош во овој период е над 14 милиони евра, што вкупно изнесува 26 милиони евра. Клубот заработи 81,3 милиони евра од продажба на играчи, а 32,24 милиони евра од УЕФА. Купувањето играчи чинеше 24 милиони евра, а на агентите им беа исплатени 8 милиони евра. Вкупните трошоци, вклучувајќи ги и платите, изнесуваа 33 милиони евра. Ова е сликата на приходите и трошоците од 2017 до крајот на 2024 година“, изјави поранешната ѕвезда на Реал Мадрид.

„Не поминува ден без закани за судски спорови од поранешни играчи, агенции и други тужители. Ова е апсолутен хаос. Ангажиравме тројца адвокати кои ќе се обидат да стават крај на овој хаос. Тие работат за 0 евра. Важни се исто колку и фудбалерите. Најголемата катастрофа за мене се судските спорови. Ќе работиме деноноќно, со цел да бидеме први – без разлика дали играме со младинци или со десетмина како Меси и Роналдо. Партизан мора да биде шампион! Премија ќе се дава само за прво место. Најмногу нè загрижува мониторингот на УЕФА, што не е наивна работа. Треба да се движиме во насока на обезбедување средства за успешно да го поминеме мониторингот во октомври“, додаде Мијатовиќ.

„Ќе треба да бараме помош од државата, нема друг начин, и верувам дека ќе ја добиеме“, изјави уште херојот од финалето во Лигата на шампионите во 1998 година.

„Анализирав натпревари на тимот. Момците се трудат, но ни недостига квалитет. Според какви критериуми е составен овој тим? Можеби ова е прашање за старото раководство. Имало ли скаутирање, извештаи? Не најдов писмен документ во клубот зошто одреден играч бил донесен во Партизан. Нема такви документи. Кој одлучувал за трансферите и според кои критериуми? Ненормално е да доаѓаат толку многу играчи, а да нема скаутирање“, дополни шефот на 27-кратните шампиони на Србија.

Тој откри уште дека до 4. јануари „црно-белите“ ќе имаат нов тренер, бидејќи сегашниот Марко Јовановиќ не поседува про – лиценца.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови