Connect with us

„Марка“: Флорентино Перез и Анчелоти на состанок со Мбапе – Од него се очекува да го урне Арсенал

„Итна терапија за Мбапе на највисоко ниво“ — под овој наслов „Марка“ на насловната страница ја објавува веста за итниот состанок што го одржаа претседателот на клубот Флорентино Перез и тренерот Карло Анчелоти со Килијан Мбапе. Причината е тоа што најдобриот стрелец на Реал Мадрид на последните четири натпревари не постигна гол, а Реал токму во тој период влезе во мала криза.

Тимот со мака се пласираше во финалето на Купот на кралот по ремито 4-4 со Реал Сосиедад дома (по продолженија), во Ла Лига загуби на домашен терен од Валенсија (1-2) и минимално победи на гости кај Алавес (1-0), додека во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите доживеа тежок пораз од Арсенал со 0-3.

Пред утрешниот реванш против Арсенал, и по натпреварот со Алавес, на кој Мбапе доби директен црвен картон по брутален прекршок во 38. минута и ја остави екипата без него во трката по водечката Барселона (која има четири поени предност), раководството на Реал го повика Французинот на сериозен разговор.

„На Реал му треба секој играч кој може да помогне за остварување на уште едно чудо во Лигата на шампионите. Враќањето против Арсенал зависи од сите, а особено од најскапиот нов член на тимот. Затоа тренерот и претседателот му порачаа на Французинот дека им е потребна неговата најдобра верзија — истата онаа која со хет-трик го елиминираше Манчестер Сити. Мбапе се извини по црвениот картон против Алавес, но тоа не е доволно“, пишува „Марка“, и додава:

„Мбапе дојде во Реал за да биде клучниот играч и да ја освои Лигата на шампионите. Но реалноста е дека, и покрај добрите бројки (32 голови и четири асистенции на 48 настапи сезонава), имаше периоди на слабост. Реал сега се обидува да спречи тој да биде незабележлив во неговиот најважен натпревар досега за клубот. Затоа Флорентино Перез имал посебна порака до Французинот.“

Анчелоти нагласил дека вредноста на Мбапе доаѓа од неговите голови, затоа што во последно време се истакнува дека не помага доволно во одбраната. Тренерот не очекува да трча од прва до последна минута, но очекува ангажман. Од Мбапе било побарано да ги остави сите проблеми настрана. Целта е јасна — освојување на Лигата на шампионите, што значи дека мора да го сруши Арсенал за да се анулира тешкиот пораз од Лондон.

Мбапе (26) летоска пристигна во Реал од ПСЖ без отштета, но го чини клубот огромно богатство. Според различни извори, добил меѓу 125 и 150 милиони евра само за потписот на договорот, кои се исплаќаат во петгодишни рати. Покрај тоа, неговата годишна плата изнесува 30 милиони евра, а бонусите за истиот период достигнуваат и до 40 милиони евра.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови