Connect with us

ЛШ: Галата го „тресна“ Ливерпул, Челси го победи Мурињо, Тотенхем се спаси од пораз во Норвешка (ВИДЕО)

Изненадувањето на вечерта во Лигата на шампионите се случи во Истанбул, каде Галатасарај приреди сензација и го победи фаворитот Ливерпул. „Црвените“ одиграа една од најслабите партии сезонава, а Виктор Осимен беше херој за Турците, реализирајќи пенал во 16. минута за триумф од 1-0.


Во самиот финиш судијата Турпан досуди уште еден пенал за Ливерпул, но по ВАР-прегледот ја смени одлуката и досуди прекршок за домаќините.

Челси ја отвори сметката со прва победа во новата сезона во Лигата на шампионите, совладувајќи ја Бенфика на „Стемфорд Бриџ“ со минимални 1-0. Херој на „сините“ беше летното засилување Алехандро Гарначо. Аргентинецот, кој вторпат започна од првата минута под водство на Енцо Мареска, во 18. минута налета на нафрлена топка и шутираше кон голот, а ударот се одби од Риос и заврши зад грбот на голманот на гостите.

Иако публиката му приреди стоечки овации на Жозе Мурињо при враќањето на „Стемфорд Бриџ“, неговата Бенфика остана верна на дефанзивната тактика и чекаше грешка на домаќините. Таа не дојде, па бодовите останаа во Лондон. За Челси ова беа први бодови по поразот од Баерн Минхен во воведното коло, додека Бенфика останува на нула.

Слаба вечер имаа и друг англиски претставник – Тотенхем. Лондонскиот тим беше голем фаворит против норвешкиот шампион Бодо/Глимт, но мораше да се спасува од пораз (2-2). Норвежаните поведоа со 2-0 по автоголот на Хог и погодокот на Хауге, но „спарси“ се вратија преку Ван де Вен и автоголот на Маурстад Гундерсен за конечни 2-2.

Баерн Минхен ја демонстрираше својата моќ и со само 20-тина минути фуриозен фудбал го реши гостувањето кај Пафос со убедливи 1-5. По израмнетиот почеток, Хари Кејн го отвори резултатот во 15. минута, а пет минути подоцна Рафаел Гереро ја удвои предноста. Во продолжение следуваа два брзи погодоци од Николас Џексон (31’) и повторно Кејн (34’), со што „баварците“ обезбедија недостижна разлика уште пред полувремето. Единствена радост за Кипарците донесе Мислав Оршиќ, кој погоди пред паузата. Во второто полувреме Баерн одигра контролирано, а Мајкл Олисе во 69. минута го постави конечниот резултат.

Интер на „Џузепе Меаца“ без поголеми проблеми славеше против Славија Прага со 3-0. Чехите добро се држеа првите половина час, но Лаутаро Мартинез (30’) и Дензел Дамфрис (34’) за кратко време ја скршија нивната отпорност. Во вториот дел „нераѕурите“ играа мирно, а Лаутаро со својот втор гол ја потврди победата.

Атлетико Мадрид на „Ванда Метрополитано“ продолжи во победнички ритам и по триумфот во градското дерби ја совлада и екипата на Ајнтрахт Франкфурт со 5-1. Џакомо Распадори донесе водство уште во 4. минута, а до паузата Ле Норман и Антоан Гризман зголемија на 3-0. Во второто полувреме Буркардт намали за гостите, но Гризман со втор погодок и Алварез од пенал го запечатија високиот триумф.

На „Велодром“ пак, Олимпик Марсеј ја надигра и декласира Ајакс со 4-0. Французите започнаа жестоко – два гола на Игор Паишао брзо донесоа 2-0, а Мејсон Гринвуд додаде трет. Во второто полувреме, по двете асистенции, Пјер-Емерик Обамејанг се запиша и како стрелец, заокружувајќи ја убедливата победа.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови