Connect with us

Левандовски откри како еден разговор со Јирген Клоп му ја променил кариерата

Полскиот голгетер Роберт Левандовски откако долги години играше во Бундес – лигата за Борусија Дортмунд и за Баерн Минхен, летово се пресели во Барселона. Пред „Ел Класико“ во интервју за „ЕСПН“ откри што му ја променило кариерата.


Полскиот напаѓач Роберт Левандовски вечерва од 21 часот ќе игра во своето трето „Ел Класико“, а пред натпреварот против Реал Мадрид допре и неколку точки од минатото.

Капитенот на полската репрезентација се осврна на времето поминато во Борусија Дортмунд и деталите кои му ја променија кариерата.

Ја играше втората сезона во Германија и не беше особено ефикасен, а разговорот со тогашниот тренер Јирген Клоп му бил многу корисен.

„Не бев во добра форма, не постигнував толку голови. Не знаев што очекува Јирген од мене. На полноќ во хотелот, откако загубивме од Марсеј со 3-0 во Лигата на шампионите, отидов и му реков: „Сакам да разговарам со тебе бидејќи не разбирам и не знам што сакаш од мене, што очекуваш од мене“, вели Левандовски.

Признава, очекувал само краток разговор, но харизматичниот Клоп се обидел да му помогне и разговорот траел многу подолго отколку што мислел Лева.

„Мислев дека ќе разговараме 5-10 минути, но тоа траеше околу час и половина. Најважно е што разговарав со него речиси како татко. А татко ми ми недостигаше бидејќи го изгубив на 16-годишна возраст. Оттогаш ми беше тешко да најдам некој кој така ќе зборува со мене“, објасни тој.

Три дена подоцна се почувствувал ефектот од разговорот. Борусија Дортмунд го совлада Аугсбург со 4-0, а Левандовски постигна три гола и забележа асистенција.

„Не можев да сменам ништо за време на тренинзите бидејќи немаше време за тоа. Сфатив дека менталитетот и она што го имате во вашата глава е многу важен. Се чувствував слободен, знаев дека имам чиста глава. После тоа сѐ се промени“ изјави Левандовски.

Оттогаш, кариерата на Роберт Левандовски во Борусија Дортмунд тргна по нагорна линија. Вкупно таму одигра 187 натпревари, постигнувајќи 103 гола и 42 асистенции. Освои две шампионски титули, еден Куп на Германија и еден германски Суперкуп. Во летото 2014 година замина во Баерн Минхен.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови