Connect with us

Комити: Ако треба Скопје ќе го блокираме, Вардар да го спасиме!

Навивачката група Комити најави блокирање на Скопје правејќи ретроспектива низ годините во која секогаш Вардар бил монета за поткусурување на раководствата кои го управувале. И на крајот, го оставале на цедило или заминувале…Истакнуваат дека сегашните раководни луѓе предводени од спонзорот Сергеј Самсоненко ќе бидат запишани со црни букви што се однесува до фудбалскиот клуб.

Во соопштението на Комити се вели: 

Директно се замешавме уште кога Драгче Томовски беше во Вардар, некаде 97-ма, заведени од пропагандите дека Уфа Медиа е подобрата опција отколку Макпетрол… 

Со најдобра намера скандиравме Уфа Медиа! Уфа Медиа! па ни дојде S.V.R.S.A, и покојниот Брацо Вујчиќ (нека почива во мир), а со него Боро и Гризли…Па чекај после неколку години не ни чинеа, па се пожаливме кај Град Скопје и ПУИГ, а потоа го повикавме Кометал и Трифун Костовски, тогашниот Градоначалник на Град Скопје…

Се погоди Трифун да дојде кога имаше многу политички непријатели, и во време на Економската криза која драстично влијаеше на бизнисите надвор од Македонија и особено во Виена – Австрија…

Се деси Стража, и ние бевме поводот а не и реалната причина за неговото заминување. Нам ни призна, но ние во манир на голема институција, не реагиравме откако излезе пред медиумите и не оцрни дека си оди поради радикалната реакција на Комитите…

Кометал тогаш нам ни го предаде колективниот член кој значеше 51% од ФК Вардар, па заедно со ‘нашите’ 24,5% имавме 75,5% од клубот и Мода и Спорт на Орце Камчев 24,5%. 

Нам не ни беа потребни затоа што увидовме и се уверивме дека ние не можевме да го издржиме финансиски водењето на клубот, па веднаш свикавме Собрание на клубот на кое во Хотел Карпош нашиот удел преку “Одборот за Спас на ФК Вардар” го поклонивме на ПУИГ, кои за волја на вистината и не присуствуваа на Собранието. Па во тој вакум се појави Бојан Захариев и Драги Сетинов како спасители кои имаат спонзор сопственик на голем ланец обложувалници од Србија…се покажа тој и уште неколкумина во низа Фантомски спасители. По нив драматично го вративме клубот во Град Скопје и Пуиг, на кои безусловно им го поклонивме нашиот управувачки пакет. Тогаш се зарековме – “Никогаш повеќе не се мешаме во раководењето!”

По релативно краткото раководење нивно, клубот го презема Сергеј Самсоненко на концесија од 10 години. 

Проблемите започнаа кога клубовите кои ги водеше ги доживејаа најголемите успеси, ЖРК Вардар финалист на ЛШ, РК Вардар Европски Шампион и конечно ФК ВАРДАР се пласираше во групната фаза на Лига Европа. Во тие славни моменти и од тогаш наваму во неколку наврати беа тестирани нашето трпение и нерви, со Фенербахче “доделувањето” на Јужна, а потоа во низа неколку најави топло ладно, си одам не си одам, за на крај “си одам” но ќе подмирам се до Деќември 2020, и со салдо нула го враќам клубот на основачите – Град Скопје и ПУИГ пред завршувањето на концесијата.

На Шилегов и СДСМ  им сметало нашето име, став, дела и особено скандирањето “Никогаш северна само Македонија”…Па добро нели е подобро да скандираме на стадион и во сала отколку пред нивните седишта, канцеларии и домови?

ВМРО доколку победат на избори нема да дозволат Вардар да пропадне. Па што значи ако изгубат, ќе тријат раце за време на неговата агонија?

Самсоненко бил на удар од власта, и неговата поранешна десна рака Ратко Карпушевски наводно го измамил за милионски суми и Офицерскиот Дом во центарот на Скопје и Плоштадот Македонија! Па зошто тоа не се провери и тој случај да се реши?

Орце Камчев бил рекетиран од Боки 13-ка и се пушти информација дека токму рекетираните пари биле наменети за Вардар. Па ете, каде е таа ‘луј витон’ женска ташничка во која се парите наменети за ФК Вардар?

Зошто за се мора да има услови кои немаат допирна точка со нашиот Вардар?

Зошто едноставно не се обединат сите околу еден од последните Бастиони на Македонскиот непокор – ФК ВАРДАР?

Без Вардар Скопје не може, не може ни Македонија, затоа што Вардар е нашиот идентитет и неисцрпен извор на надеж дека може да не биде, да останеме свои на своето…

Ние останавме смирени, рационални и доследни на своето ветување за не мешање во раководењето, и без особен  притисок оставивме тие кои вложуваат и финансираат да раководат. Нашето име остана чисто. Покажавме зрелост и испративме порака до сите евентуални инвеститори дека во нас имаат сериозен стабилен партнер, поддршка и безусловна љубов кон тоа свето име Вардар, кое за нас е се, а истовремено за нив е пред се бизнис проект а потоа се останато.

Историски гледано покажавме како треба, покажавме срце но и мудрост, лојалност и посветеност, но повторно тоа не е доволно, и повторно притисокот е на нас, а не кон оние кои во една нормална држава треба легално да одговараат и да даваат отчет за сработеното или несработеното. Разбираме и зошто, затоа што нашата љубов е бесконечна и вечна, а интересот има рок на траење.

Заминувањето на нашата легенда – Тетовче за нас е силен сигнал дека Самсоненко не планира да ги подмири своите обврски, и веројатно поради разни цели од кои најмалку спортски е спремен да си игра со името Вардар од далечната Русија. 

Му благодариме на Сергеј и на оние за кои се верува и нагаѓа дека стојат позади него, и без оглед на историските успеси на ракометниот клуб, нивните имиња ќе бидат запишани со црни болдирани букви во историјата, која ние навивачите на Вардар ќе ја пишуваме, доколку не го исполнат ветеното!

За крај Вардар нема да згасне, затоа што ние ќе го оживееме и заедно ќе се издигнеме, но од сите нас зависи колку тоа ќе трае и дали ќе ги доживуваме сите овие перипетии повторно.

Ако треба сите на улица !!!

Ако треба Скопје ќе го блокираме !!! Сите раскрсници, булевари, улици и патишта кои до него доаѓаат и од него излегуваат !!!

Апел до Власта и Опозицијата, апел до сите засегнати, Апел до Дијаспората и сите кои сме останати тука – ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ И ЗАЕДНО ДА ГО СПАСИМЕ ВАРДАР !!!   

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови