Connect with us

ФК Гостивар: На македонскиот фудбал му требаат многу подобри судии и услови за да оди напред!

Македонскиот прволигаш Гостивар организираше прес – конференција во пресрет на финишот од сезоната во Првата лига. Тема беа условите во македонскиот фудбал, квалитетот на судењето и условите што се нудат за настап во елитата.


„Не сакавме оваа прес – конференција да биде сфатена како да „плачеме“ после неуспех или пораз, па затоа не ја организиравме изминативе денови. Сепак, некои работи се евидентни и мораме да ги кажеме во јавноста. Едноставно, ако сакаме напредок на македонскиот фудбал, мора да има подобро судење и клубовите и федерацијата да обезбедат подобри услови за натпреварување. Ние прво ги гледавме нашите грешки, направивме одредени промени и во играчкиот кадар и во стручниот штаб, но мора да се истакне и дека бевме навистина премногу оштетени од некои судиски одлуки во изминатиот период“, изјави првиот човек на Гостивар, Енес Уста.


Спортскиот директор Муса Соу вели дека во една ваква ситуација, едноставно не е можно во Македонија да бидат доведени квалитетни фудбалски имиња.


„Има неприфатливи одлуки на судиите, најголем дел од нас кои сме странци и сме играле и во многу поквалитетни лиги, едноставно не можеме да веруваме дека се носат такви одлуки од судиите. Верувајте, поради ова во иднина нема да можат во македонскиот фудбал да се доведат фудбалери како Алпер Потук, Ли Ервин…Тие не сакаат нивниот придонес и квалитет да биде девалвиран од погрешни одлуки на теренот“, истакна Муса Соу.


Капитенот на Гостивар, Алпер Потук, ги посочи и лошите услови на најголем дел од стадионите во Македонија.


„Сите сме тука да придонесеме за подобар македонски фудбал. Но, дали знаете дека се соочуваме и со недостиг на најосновни услови. Во соблекувалната на актуелниот шампион, после натпревар нема топла вода за да се истушираме. Не знам зошто, но и навивачите, па дури и полицијата се секогаш против ФК Гостивар како клуб“, изјави Алпер Потук.


Новиот напаѓач Ли Ервин вели дека лошите терени и лошите судиски одлуки, за жал, се она што е пресудно за резултатите кои се постигнуваат во македонскиот фудбал.


„Играме на многу лош терен, во соблекувалната нема топла вода, а на теренот судијата носи одлуки на кои не можете да им верувате. Во една таква ситуација, сфаќате дека целиот ваш труд е девалвиран. Со ваква поставеност, македонскиот фудбал не може да оди напред“, изјави Ли Ервин.


На крајот, Дарко Глишиќ истакна и дека целите на ФК Гостивар за оваа сезона не се остварени, затоа што амбициите биле да се освои шампионската титула.


„За раководството на клубот можам да кажам само пофални зборови. Затоа што ни овозможи одлични услови, како во ретко кој друг клуб во Македонија. И мислам дека не успеавме да вратиме доволно во поглед на резултатите. Но, морам да кажам, ако јас донекаде и можам да сфатам зошто судат така на некои натпревари, за странските играчи тоа е несфатливо“, изјави Дарко Глишиќ.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови