Connect with us

Драган Томовски доставил предлог до УЕФА и ФИФА – како да се стави крај на „крадењето време“ на фудбалски меч

Долгогодишниот фудбалски работник Драган Томовски на прес-конференција ги изнесе своите идеи за унапредување на фудбалската игра, кои веќе се испратени до УЕФА и до ФИФА, а дел од неговите идеи од пред две децении, кои се патентирани, постепено веќе се внесуваат меѓу правилата на фудбалот.


„Повод за оваа моја средба беше, меѓу другото, и информацијата на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино од пред неколку месеци за серија промени во судиските правила меѓу кои и моментите на дигитализирање на сите случувања на терен но и одлуката судиите во иднина да ги објаснуваат преку микрофон пред навивачите присутни на стадионите и пред телевизискиот аудиториум одредените понејасни одлуки за време на фудбалската игра. Сето тоа е запишано, предвидено и дадено до ФИФА уште во 2001 година во мојот патент, и во овој момент иако претходно не сакав воопшто тоа да се експонира навистина ми е драго што идеи на некој од Македонија сега се вметнуваат како нови правила во светски рамки. Што би се рекло, може да се каже дека ете сме можеби 20-30 години во размислувањата за освежување на фудбалската игра пред нив“, истакна Драган Томовски.


Поранешниот директор на ФК Вардар понуди решение за еден од проблемите на фудбалската игра – оддолговлекување на времето, симулирање, односно „крадење време“.


„И покрај серија промени на правилата изминативе декади, веројатно најголем проблем е што не се најде модус, начин, модел играта да се заштити во делот на оддолговлекувања, симулирање или популарно наречено „крадење на време“. Сведоци сме веќе на играчи кои седнуваат на теренот (некогаш без причина), превиткувања и без удар од противникот што реално не може да се санкционира. Ова носи до намалување на темпото на игра, создавање нервоза кај фудбалерите, тренерите, гледачите, што некогаш води кон ексцеси. Значи во овој момент, во Правилата на фудбалската игра, не постои инструмент кој ова би го решил. Ваквите ситуации, според досегашните правила, предизвикуваат и недоверба кон судијата на натпреварот поврзана со неговото определување на време за продолжение, но и неговата одлуката за моментот на крај на мечот. Повеќе ситуации укажуваат на неправди и нееднаков критериум кон една од екипите, и покрај тоа што се согласно постоечките правила на фудбалската игра. Има бројни примери на фудбалските натпревари на кои еден тим е оштетен поради симулирање и постојани прекини на играта од страна на другите, или на примери на свирење крај од страна на судијата среде офанзивни акции кои се во тек, а поради наводно завршено време. Но, никој тоа време не го мери точно, што е оставено само на волја на судијата“, истакна Томовски.


„Моето предлог решение кое веќе е доставено до ФИФА и УЕФА е – САМО СУДИСКОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА КРАЈОТ НА НАТПРЕВАРОТ ДА СЕ ИГРА СО ЕФЕКТИВНО ВРЕМЕ. Да се мери со хронометар само активна игра во судиското продолжение! Ефектите од ваква промена можат да ги проценат само исклучително стручни и искусни лица кои ја познаваат „технологијата“ и филозофијата на фудбалската игра. Меѓутоа, мора да се знае дека ова решение се темели и на официјалните статистички мерења кои покажуваат дека (согласно показателите од Топ 5 лигите во Европа), во регуларниот дел од мечевите се игра ефективно само околу 50% од вкупното време. Токму затоа, екипите повеќе нема да размислуваат на симулирање во регуларниот дел затоа што ќе знаат дека тоа време ќе им се надополни двојно во судиското продолжение.


Драган Томовски, покрај тоа што идејата веќе ја доставил до ФИФА и УЕФА, на оваа тема, како што информираше, имал и средби и анализи со домашни фудбалски авторитети. Поддршка за неговите патенти доби и од македонскиот фудбалер на векот, Дарко Панчев, поранешниот селектор Ѓоко Хаџиевски, еден од најдобрите голгетери на македонскиот фудбал на сите времиња Саша Ќириќ, како и доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски кои, преку видео обраќања, нагласија дека ‘наведената револуција во фудбалот која се предлага, со решавање на еден од неговите најгорливи проблеми, ќе има несогледливи позитивни ефекти во сите сегменти на состојбите и развојот на светскиот фудбал’.


На средбата беа презентирани и размислувања како да се надминат појавени проблеми и со фер-плејот во фудбалската игра, како и дали е доволна казната од „само два или три меча суспензија“ за фудбалери кои нанесуваат со намерни стартови тешки повреди на противнички фудбалери кои потоа паузираат од фудбалските терени најмалку по шест месеци.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови