Connect with us

Чаби Алонсо ќе го преземе Реал и ќе направи револуција на „Бернабеу“?

Секој ден сѐ повеќе се зголемуваат шпекулациите дека Чаби Алонсо ќе биде новиот тренер на Реал Мадрид од следната сезона. По неколкуте слаби резултати на „кралскиот клуб“, се поставува прашањето за иднината на Карло Анчелоти на клупата. Поразите од Валенсија во Ла Лига и Арсенал во Лигата на шампионите дополнително го разнишаа неговиот статус.

Според шпанските медиуми, претседателот на Реал, Флорентино Перес, веќе донел одлука – доколку Анчелоти не освои трофеј оваа сезона, Чаби Алонсо ќе ја преземе тренерската функција. Младиот шпански стратег блеска во Баер Леверкузен и со својата модерна фудбалска филозофија веќе го привлече вниманието на европските гиганти.

Паралелно со можниот ангажман на Алонсо, Реал Мадрид подготвува и значајни промени во играчкиот кадар. Се шпекулира дека трансферот на Трент Александер-Арнолд од Ливерпул е веќе договорен, а клубот работи и на ангажман на Енцо Фернандес од Челси. За одбраната се размислува за младиот Дин Хујсен, кој оваа сезона се покажа како голем потенцијал во Премиер – лигата.

Наводно, Чаби Алонсо планира да ја примени формацијата 3-4-3, нешто што претставува голема новина за Реал. Според таквите прогнози, Џуд Белингам би играл на десната страна во нападот, додека во тимот не би се нашле искусни играчи како Дани Карвахал и Родриго. Сè повеќе изгледа веројатно дека Лука Модриќ и Лукас Васкез ќе го напуштат клубот на крајот од сезоната, додека и Давид Алаба е блиску до заминување поради здравствени проблеми.

Можниот почетен состав на Реал Мадрид под водство на Чаби Алонсо би изгледал вака:
Куртоа – Асенсио, Рудигер, Хујсен – Гарсија, Фернандес, Валверде, Александер-Арнолд – Винисиус, Мбапе, Белингам.

Следното лето се очекуваат големи промени во Мадрид, а навивачите со нетрпение ја чекаат одлуката на клубот за иднината на тренерската позиција.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови