Игор Ангеловски останува на селекторското место во македонската А репрезентација до декември 2020 година.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски ги договорија условите за продолжување на договорот на Ангеловски на селекторското место во најдобрата македонска репрезентација до декември 2020 година. Досегашниот договор со Ангеловски беше со важност до ноември оваа година. Репрезентацијата ја очекува полуфинале во Лигата на нации во март 2020 година за пласман на ЕП 2020, доколку нашата најдобра селекција не се избори за Европското првенство преку тековните квалификации.
„Со постигнатите резултати во изминатиот период Игор Ангеловски апсолутно ја оправда нашата доверба и го потврди вистинскиот избор на Управниот одбор на федерацијата. Постигнатиот договор за продолжување на соработката сведочи дека имаме заеднички интерес, а тоа е успех на македонската репрезентација. Ние како раководство на федерацијата, на Игор и на сите во репрезентативниот тим ќе им осигураме максимални услови за работа и подготовка, сѐ со цел да се остварат резултатите кои ги посакуваме. Јасно е дека добриот резултат е единственото мерило за успех и искрено се надевам дека ќе продолжиме во таа насока. Посакувам многу среќа и успех во натпреварите“ – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Игор Ангеловски ја предводи македонската репрезентација од октомври 2015 година. Македонија осигура полуфинале во Лига на нации на УЕФА, а во тековните квалификации за пласман на ЕП 2020 освоени се четири бода по првите два натпревари.
„Благодарност до претседателот Сејдини и до Управниот одбор за довербата. На сите можам да им ветам дека и во иднина ќе го давам својот максимум со цел репрезентацијата да напредува, како што доликува на квалитетот на фудбалерите кои ги имаме во своите редови. За мене репрезентацијата е многу повеќе од селекторско место. Нема ништо посвето од тоа да го водиш националниот тим, а уште повеќе кога работиш со вакви фудбалери и соработници. Задоволен сум од она што го постигнавме во изминатиот период, но секогаш се стремиме кон подобро. Следните предизвици ќе бидат уште потешки, но верувам во себе и во квалитетите на фудбалерите. Тие се најзаслужните за резултатите и се надевам дека заеднички на крајот ќе ја оствариме толку посакуваната цел и ќе славиме пласман на големо натпреварување“ – изјави селекторот Игор Ангеловски.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski