Connect with us

Милевски: Фудбалерите покажаа професионален пристап и голем ентузијазам

Фудбалската репрезентација на Македонија на 10. јуни (сабота) го има официјалниот собир за јунските натпревари од квалификациите за ЕП 2024 против Украина (16. јуни, Национална арена „Тодор Проески“) и Англија (19. јуни, Олд Трафорд, Манчестер). Поголемиот дел од повиканите фудбалери за овие два меча, односно играчите кои веќе завршија со клупски активности, го одработија првиот дел од подготовките со националниот тим.


Дени Илиев, Езгјан Алиоски, Јован Манев, Енис Барди, Аријан Адеми и Илија Несторовски поради обврски во клубовите не беа во можност да се стават на располагање за подготовките од 2. до 8. јуни на тренинг центарот „Петар Милошевски“, додека Елиф Елмас денеска одработи тренинг со своите репрезентативни колеги.


„Повеќето од фудбалерите се собраа, очекуваме и останатите да ни се придружат во следните три дена, на 12. јуни треба да бидеме комплетни на тренинг откако ќе пристигнат Алиоски, Адеми и Илиев. Исклучително сум задоволен од оваа фаза на подготовки. Фудалерите, иако уморни од сезоната во клубовите, покажаа ангажираност, професионален пристап и голем ентузијазам.


Се обидовме да постигнеме одреден баланс со однос на физичката исцрпеност и енергијата која ќе ни треба за следната фаза подготовки и натпреварите кои не очекуваат. Акцентот сега го ставивме на физичката подготвеност, а веќе од 10. јуни се насочуваме на техничко-тактичка анализа и тоа ќе биде фокусот на тренинзите.


Украинците ќе ги предводи нов селектор, кој ќе го промени системот на игра, но ние веќе навикнавме на промени кои во најмала рака ни ја отежнуваат работата во однос на подготовка на натпреварите. Таков беше случајот и пред мечот со Малта.


Но, за нас е најважно да бидеме силни на тренинзите кои ни следуваат и целосно да се вложиме и тактички и физички. Иако е крај од сезоната, сигурен сум дека фудбалерите имаат мотив и енергија за уште два силни натпревари“, изјави Благоја Милевски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови