Connect with us

Арне Слот: Тешко е да се прифати, но мора да се извлечеме од оваа дупка

Арне Слот зборуваше по катастрофалниот пораз на неговиот Ливерпул со 1-4 од тимот на ПСВ Ајндховен во натпревар од петтото коло од главната фаза на Лигата на шампионите.

„Прашањето е исто во последните неколку недели. Емоциите се исклучително негативни, има разочарување“, започна Слот.

„Би сакал да ги истакнам и позитивните работи – начинот на кој играчите реагираа при резултат 0-1, затоа што игравме многу добро пред полувремето. По уште еден разочарувачки момент се вративме во игра. Мислам дека имавме доволно шанси да поведеме со 2-1, а на паузата не верувам дека некој очекуваше да загубиме со 1-4“, рече Слот.

Поразот го остави тимот предводен од холандскиот стратег надвор од првите осум на табелата и сериозно ги компромитира шансите на англиските шампиони директно да се пласираат во осминафиналето на најпрестижното европско клупско натпреварување.

„Мислам дека Ван Дајк беше малку турнат при досудувањето на пеналот и ја изгуби рамнотежата, што го натера да ја крене раката и топката го погоди. Но не мислам дека ВАР некогаш ќе смени одлука поради толку мало туркање“, додаде Слот.

Така Ливерпул веќе запиша три последователни порази во сите натпреварувања.

„Примивме гол на почетокот на второто полувреме, но создадовме неколку добри шанси да израмниме. Сепак, 10-15 минути пред крајот повторно примивме. Тешко е да се прифати, но мора да се извлечеме од оваа дупка“, додаде Слот.

„Црвените“ го доживеаја и вториот последовен пораз на „Енфилд“, откако за време на викендот беа прегазени од Нотингам Форест дома со 3:0.

„Тешко е да се прифати. Откако примивме гол рано, реагиравме на начинот на кој сакав, што е тешко, затоа што загубивме убедливо за време на викендот, а сега губевме со 0-1 по само шест минути“, појасни Слот.

Сега „црвените“ од градот на Битлси имаат околу 72 часа да се соземат пред гостувањето кај Вест Хем во Премиер – лигата, каде исто така имаат многу за надоместување.

„Го видов менталитетот кој го посакуваш, но по толку многу разочарувања, не секогаш е лесно. Крајниот резултат беше 1-4 и тоа е уште еден тежок пораз“, заврши Слот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови