Connect with us

Арсенал е несовладлив, Атлетико во финишот го урна Интер (ВИДЕО)

Фудбалерите на Арсенал ja продолжија неверојатнaтa низa победи, откако го совладаа и Баерн Минхен и се осамија на врвот на табелата во Лигата на шампионите со 15 бодови, додека Атлетико Мадрид со гол во судиското продолжение го собори Интер со 2-1.

Арсенал одигра уште еден спектакуларен натпревар и по Тотенхем, лекција доби и Баерн Минхен, со 3-1.

Микел Артета изведе силен состав, но со две промени во однос на дербито со Тотенхем, бидејќи Луис-Скели и Москера ги заменија Калафиори и Инкапи. Арсенал доминираше во воведните минути, делуваше поконкретно и заслужено поведе – секако, по прекин. Сака изведе корнер, а Тимбер беше највисок во скокот, пред Нојер кој задоцни да излезе, за 1-0.

Но, Баерн воопшто не делуваше безопасно. Баварците играа паметно, го чекаа моментот кога одбраната на Арсенал ќе биде полошо поставена, и тоа го дочекаа во 32. минута. Кимих испрати милиметарски прецизна долга топка до Гнабри, кој од десната страна го пронајде младиот Карл, а тој силно стрелаше во мрежата за 1-1.

Нова лоша вест за Арсенал беше повредата на Леандро Тросар, кого во 38. минута го замени Нони Мадуеке.

Во првото полувреме голема шанса имаше и Езе, кој одигра прекрасно двојно проигрување со Мерино, но од 12 метри шутираше покрај стативата.

Арсенал во вториот дел го засили притисокот и повторно беше опасен од прекин. Мерино и Москера имаа шанси, но Нојер остана несавладан. Потоа, при истекот на еден час игра, Нојер беше херој – Рајс се стрча кон голот, биеше во долниот агол, Германецот одбрани со нога, а Лајмер во последен момент ја отстрани топката пред Сака.

Клучниот момент дојде по промените во средината на второто полувреме – во игра влегоа Калафиори и Мартинели, а Мадуеке се пресели на десното крило наместо Сака. Во првиот напад, Езе го проигра Калафиори, кој испрати прецизен центаршут во петте метри, каде што Мадуеке беше на вистинското место – 2-1!

Во 77. минута сè беше решено – Нојер направи кикс, погрешно процени едно долго додавање, Мартинели стигна прв до топката, го мина и лесно погоди празна мрежа за 3-1.

Дербито се играше и во Мадрид каде Атлетико го пречека Интер. На крајот, со голот на Хименез во последните моменти од мечот, Атлетико славеше со 2-1.

Иако Интер прв се закани преку Димарко во третата минута, Атлетико како по навика пред своите навивачи веднаш влезе агресивно, наметна жесток ритам и брзо дојде до водство. Во деветтата минута Симеоне испрати топка на втората статива, Карлос Аугусто при обид да ја исфрли ја погоди Баена, од кого падна право на ногата на Хулијан Алварез – кој погоди за 1-0. Судијата првично досуди играње со рака од Баена, но ја промени одлуката по интервенција од ВАР.

По примениот гол, Интер беше поконкретен и играше повеќе офанзивно. Димарко повторно имаше опасен удар, но шутираше над голот.

Интер силно започна во вториот дел и Барела веднаш ја погоди пречката од тешка позиција. Но, во 54. минута Интер конечно и заслужено израмни – Зиелински одигра прекрасно со Бони, и потоа по земја ја смести топката во мрежата за 1-1.

Атлетико потоа беше поблиску до втор гол, а огромна шанса имаше Хименез, чиј удар го одбрани Јан Зомер.

И тогаш, во судиското продолжение – по корнер на Антоан Гризман од левата страна – Хименез со глава од пет метри погоди за 2-1 и предизвика експлозија на „Ванда Метрополитано“.

Фудбалерите на Аталанта славеа на гости кај Ајнтрахт со убедливи 0-3. Ајнтрахт го издржа првото полувреме, но во второто за само пет минути прими три гола.

Во 60. минута Лукман постигна гол со прекрасен волеј за 0-1, а потоа истиот играч асистираше за Едерсон, кој ја протна топката под голманот за 0-2.

Сè беше решено веќе во 65. минута, кога Де Кетеларе погоди за недостижни 0-3.
Спортинг во Лисабон беше убедлив против Клуб Бриж со 3-0, а стрелци беа Куенда во 24., Луис Суарез во 31. и Тринкао во 70. минута.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови