Connect with us

Милан сака во јануари да се засили со Роберт Левандовски

Милан оваа сезона игра во одлична форма и се наоѓа на самиот врв на Серија А, а доаѓањето на Лука Модриќ се покажа како вистински потег за клубот. Сепак, Златан Ибрахимовиќ и раководството не мируваат — веќе во јануари сакаат да донесат спектакуларно засилување од Барселона.

Откако Ибрахимовиќ ја презеде контролата врз трансферите во Милан, тимот игра сè подобро и подобро, а моментално се наоѓа на третото место во Серија А со само еден бод заостанување зад лидерот Наполи.

„Росонерите“ направија одличен потег летово кога го донесоа Лука Модриќ, кој по 13 години го напушти Реал Мадрид, а неговиот потпис се покажа како целосен успех.

Многумина сметаа дека тој трансфер е ризичен, бидејќи искусниот Хрват има веќе 40 години, но Модриќ докажа дека и понатаму игра на највисоко ниво.

Сепак, очигледно е дека на Милан сега му треба засилување во нападот и класичен напаѓач. Ибрахимовиќ работи интензивно на тоа и неговата цел е да го заврши трансферот уште во јануари.

Се појавија информации дека Ибрахимовиќ сака да го доведе Роберт Левандовски од Барселона како ново големо засилување за Милан.

Полскиот напаѓач има договор со каталонците до крајот на сезоната, а многу е веројатно дека соработката нема да биде продолжена, бидејќи се шпекулира дека Барселона сака да донесе помлад напаѓач на негово место.

Иако Левандовски изјави дека ќе ја почека конечната одлука на Барселона во врска со новиот договор, ситуацијата би можела да се промени — повик од „Сан Сиро“ не се одбива лесно.

Каталонскиот весник „Спорт“ пренесува дека Ибрахимовиќ веќе почнал да се распрашува околу можноста за ангажман на Левандовски и се надева дека Барселона би можела да прифати да го продаде уште во јануари, за да избегне негово бесплатно заминување следното лето.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови