Connect with us

Компаоре: Играме против шампионот, но веруваме во триумф и на дербито

Струга Трим Лум има максимални пет победи во досегашниот тек од шампионатот во Прва МФЛ, а денеска крај езерото гостува актуелниот шампион. Дефинитивно ова е дербито на шестото коло, а погледите на домаќинот се насочени кон напаѓачот Басиру Компаоре, кој игра во феноменална форма од почетокот на сезоната.

Робусниот голгетер постигна гол на сите пет натпревари од првенството досега, а на дел од нив беше и двоен стрелец. Тоа го прави најефикасен фудбалер во лигата со седум постигнати погодоци.

Басиру Компаоре ќе биде еден од најголемите адути на Струга ТЛ и на дербито против Шкендија.

„Фудбалот е колективна игра, еден играч не може да стори речиси ништо против цел колектив, а јас имам среќа што поддршката од соиграчите ми е навистина феноменална. Ќе се потрудиме максимално и на дербито против Шкендија да одиграме на највисоко ниво и да оствариме посакуван резултат. Јасно е дека нема да биде лесно, против нас ќе биде актуелниот првак, но ние веруваме во нашите способности и сигурно ќе имаме голема поддршка од трибините“, вели Басиру Компаоре во пресрет на дербито.

Ваквите натпревари најчесто ги решаваат нијанси, еден добар или лош потег во нападот или одбраната, а во такви ситуации Компаоре често знае да извлече максимум.

„Секако дека посакувам погодок, но не е важно дали јас ќе бидам стрелец, туку најважно е Струга Трим Лум да победува. Досега беше фантастично, да се надеваме дека ќе продолжиме во ист стил и на дуелот со Шкендија, а потоа и во продолжението од првенството“, порачува Компаоре.

Дербито меѓу Струга Трим Лум и Шкендија се игра од 15:30 часот на Градскиот стадион во Струга.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови