Connect with us

Канатларовски повторно во мак-фудбалот: Селектор на репрезентацијата до 15 години

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука Драган Канатларовски – Цапар да биде назначен за селектор на македонската репрезентација во младински категории. Прославеното име на македонскиот фудбал ќе ја предводи македонската репрезентација до 15 години.

„После 12 години се враќам во македонскиот фудбал и среќен сум што заеднички со луѓето од Федерацијата имаме прилика да дадеме придонес во развојот на еден од најбитните сегменти од фудбалот, а тоа е младинскиот фудбал и неговиот напредок. Благодарен сум што раководството на федерацијата и претседателот Сејдини придонесоа „Куќата на фудбалот“ да ја чувствувам како своја. Можеби за некои моето назначување за селектор на македонската репрезентација до 15 години е изненадувачки, но сите кои ме познаваат, знаат дека јас сум во фудбалот поради фудбалот, а не заради функциите. Желба ми беше да имам своја академија каде што ќе можам да го пренесам знаењето на младите фудбалери, а овој чекор во мојата кариера е предизвик и за мене да се потрудиме да постигнеме едно повисоко ниво во работата со младите категории. Сигурен сум дека со ова најмногу ќе добијат младите фудбалери. Во изминатиот период имав прилика да гледам дел од натпреварите на младинските национални тимови, запознаен сум со условите за работа, ме радува тоа што секоја селекција се третира на високо ниво, со голем број натпревари и се надевам дека заедно со луѓето од федерацијата ќе работиме да бидеме уште поконкурентни и да создаваме фудбалери кои ќе напредуваат во различни возрасни категории“ – изјави Драган Канатларовски.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини му посака „добредојде дома“ на Драган Канатларовски во „Куќа на фудбалот“ и посака плодна работа со младите категории.

„Оваа „Куќа на фудбалот“ секогаш е отворена за нашите фудбалски великани, а Драган Канатларовски секако е еден од нив. Разговаравме во однос на младинскиот фудбал и неговиот развој и драго ми е што од нас побара да помогне во неговиот напредок и развој. Знаеме дека само вложувањата во базата можат да осигураат успешна иднина на македонскиот фудбал, а ова назначување на Драган Канатларовски е потврда дека работиме во таа насока. Неговото знаење и искуство е исклучително важно и се надевам дека на вистински начин ќе им го пренесе и на младите фудбалери. Ние како федерација ќе им овозможиме најдобри услови за подготовка и натпревари, како што впрочем тоа го правиме со секоја национална селекција. Му посакувам многу успех во работата“ – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови