Connect with us

Ван Дајк: Ништо не е готово, сѐ додека и официјално не ја освоиме титулата

Вирџил ван Дајк порача дека нема место за опуштање, иако Ливерпул е на чекор од титулата во Премиер – лигата. Победата со 2-0 против Њукасл, заедно со ремито на Арсенал против Нотингем Форест, ја зголеми предноста на „црвените“ на врвот на табелата на 13 поени. Според „Опта“, шансите на Ливерпул да ја освои титулата се 98,7 проценти.

Многумина сметаат дека трката за титулата е веќе завршена, бидејќи дури и ако Арсенал ги добие сите преостанати натпревари, тимот на Арне Слот би морал да загуби три и да одигра барем едно реми во последните 10 кола за да се промени ситуацијата.

Сепак, Ван Дајк бара од соиграчите да го задржат фокусот.

„Секако, ја уживаме атмосферата, но мораме да останеме приземни. Нема „речиси шампиони“. Имаме уште десет натпревари и ништо не е решено. Додека не биде официјално, нема да се занесуваме. Ќе бидам најздодевниот човек, бидејќи постојано ќе повторувам: ‘фокус на следниот натпревар’“, изјави капитенот на Ливерпул.

„Треба да уживаме во победите, но не предолго, бидејќи играме на секои три дена. Се доведовме во одлична позиција, но тоа не значи дека сме ја завршиле работата. Ќе продолжам да ги потсетувам и играчите и медиумите дека нема простор за самозадоволство“, додаде тој.

Ливерпул во март го очекуваат осминафиналните дуели во Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен, како и финалето од Лига купот, повторно против Њукасл.

„Финалето секогаш е различно, мораме да бидеме внимателни. Сега можеме барем еден ден да одмориме, а потоа повторно да се фокусираме за да бидеме во најдобра форма“, заклучи Ван Дајк.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови