Connect with us

Струга ТЛ со мотив за двојна круна: Шампиони сме, а Купот е нова приказна која сакаме да е убава за нас

Шампионот Струга Трим Лум има голема шанса за да ја освои двојната круна оваа сезона. По одличните настапи во првенството и историската прва титула, сега тимот на Шпетим Дуро цели и на трофејот во Купот. Македонија ЃП е ривалот кој стои испречен пред стружани и е актуелен освојувач на пехарот.

„Ние сме шампиони, мотивирани сме максимално, па иако ниту еднаш оваа сезона не успеавме да ја победиме Македонија ЃП, се надеваме дека тоа ќе го сториме утре. Имаме квалитет, се освеживме по прославата на титулата, фокусирани сме и сакаме двојна круна“, изјави капитенот Фљамур Таири.

Најдобриот играч на Струга ТЛ, Буњамин Шабани, верува дека добрата форма од крајот на првенството сѐ уште го краси тимот.

„Прославата на титулата траеше кратко, потоа заминавме во Маврово и се подготвуваме за ова големо финале. Ова е исто така многу важен натпревар за нас. За првпат тимот е во финалето и се надеваме дека ќе успееме да го освоиме трофејот. Немаме притисок, ќе влеземе мирно, затоа што знаеме дека така ќе излезе на површина нашиот квалитет“, истакна Буњамин Шабани.

Шефот на стручниот штаб, Шпетим Дуро, вели дека тимот е максимално подготвен за надигрување. Верува во искуството на фудбалерите, сега самодовербата е на највисок левел и очекува добра игра и триумф.

„Имаме максимален респект за противникот. Купот е специфично натпреварување и тоа веќе им го напоменав на фудбалерите. Мислам дека успеавме да ја симнеме и еуфоријата, сите фудбалери се доволно свесни дека пред нас е уште еден многу значаен натпревар за нашиот клуб. Не се игра секој ден финале, мотивацијата секако е голема и верувам дека ќе одиграат на најдобро можно ниво“, истакна тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови