Connect with us

Скопското дерби без победник, први бодови за „пандевци“ сезонава, триумф и на Македонија ЃП

Работнички и Вардар ремизираа (1-1) во дерби-дуелот од четвртото коло во Првата фудбалска лига. Вардарци пред мечот го добија шампионскиот пехар од минатата сезона, а тоа беше мотивација да одиграат добро и да бидат најмалку рамноправен ривал. 

Дарко Мицевски беше стрелец на водечкиот гол за Вардар во 59.минута. Филип Петковски одлично му ја спушти топката, а тој со левата нога ја „закова“ во мрежата на Работнички. 

„Романтичарите“ израмнија во 76.минута. Лука Станковски од неколку метри ја затресе мрежата откако се најде на вистинското место по слободниот удар од левата страна. Работнички можеѓе да стигне и до триумф во финишот, но голманот на Вардар, Филип Илиќ, во 90.минута имаше одлична одбрана по шутот на Фахрудин Ѓурѓевиќ.

Македонија ЃП во Ѓорче Петров ја совлада Беласица со 2-1. „Лавовите“ поведоа со голот на Сефер Емини уште во третата минута, а израмни Антонио Каланоски само четири минути подоцна. Сепак, искусниот Боби Божиновски во 36.минута донесе ново водство, што на крајот беше и доволно за тимот на Жикица Тасевски да ги освои трите бода на овој меч.

Академија Пандев по долг период стигна до првата победа. Составот на Александар Таневски со многу мака успеа да го скрши отпорот на Струга Трим Лум и славеше со 1-0. Стрелец на победничкиот гол беше Марио Крстовски во 83.минута од натпреварот.  

ПРВА ЛИГА, 4.КОЛО
РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 1-1
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ 1-0
МАКЕДОНИЈА ЃП – БЕЛАСИЦА 2-1
УТРЕ
ШКУПИ – ПЕЛИСТЕР
ПОНЕДЕЛНИК
ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ
СИЛЕКС – РЕНОВА

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови