
ФК Работнички по седум години пауза се враќа на европската сцена. Утре клубот од Дебар Маало го игра првиот дуел против белорускиот Торпедо-Белаз кој ќе биде домаќин во Унгарија, на стадионот на Халадаш.
Во пресрет на новото европско искушение, на успешната сезона зад нас, но и за новите предизвици и настапот во квалификациите за Конференциската лига, за официјалниот сајт на клубот се осврнува спортскиот директор Сенад Муминовиќ.
„Морам да го изразам моето задоволство за успехот што го постигна Работнички во изминатиот шампионат. По освоеното трето место, сега клубот е повторно на европска сцена, по седум години. И тоа само две години откако ова ново раководство го презеде ФК Работнички. Респектот оди за фудбалерите и за стручниот штаб, предводен од Горан Станиќ, кој по завршување на сезоната се посвети на селекторската функција во репрезентацијата на Македонија до 21 година. Горди сме што Работнички повторно се враќа на европскиот пат, а истовремено и максимално мобилни дека треба да продолжиме со јасната стратегија на производство на млади и талентирани фудбалери и нивно трансферирање во странство. Клубот на тој начин ја постигнува својата самоодржливост, а секое преоден рок доаѓаат понуди за голем број од талентираните фудбалери“, вели Сенад Муминовиќ.
Освоено е третото место, а покрај тоа во изминатиот период продадени се шестмина фудбалери. Само во сезоната што измина, Али Регба направи трансфер во Марибор, Атдхе Мазари се пресели во Вараждин, Матеј Ангелов беше отстапен во Украина, а сега и младинскиот репрезентативец Димитар Данев замина во Вардар.
„Тоа е стратегијата на Работнички од која не се отстапува, напротив, продолжуваме уште појасно и посилно да ја форсираме. Добиваат шанса млади и талентирани фудбалери, ние се грижиме за иднината, а тоа дава резултати. Младинците исто така се шампиони на Македонија, во новата сезона ќе играат во младинската Лига на шампиони, и тоа е процес кој никогаш не застанува. Во овој момент во ФК Работнички се наоѓа костурот на младата репрезентација на Македонија до 21 година, Матеј Ангелов, Никола Манојлов, Теодор Николовски, Васко Василев, Јован Бошнаков, но имаме и уште помлади таленти, кои веќе се дел од првиот тим, како Амар Хаџибулиќ, Марко Стефановски, новодојдените Дитмир Хоџа и Лорент Жаку. Одредени фудбалери од ланскиот состав заминаа, но доведовме нови, ќе има можеби и уште некое ново име со оглед дека преодниот рок е во тек, а стратегијата е задржана и во стручниот штаб, каде Бојан Маркоски природно го наследи Горан Станиќ. Уверени сме дека ќе продолжиме да се развиваме и како тим, и посебно како клуб, и морам да потенцирам дека за две години, во периодот на ова ново раководство, направен е огромен чекор напред во сите структури. Нема да застанеме тука, продолжуваме да работиме напорно, и верувам дека ФК Работнички ќе има успеси и на меѓународна сцена, а и во новата фудбалска сезона во Македонија“, истакна Сенад Муминовиќ, спортскиот директор на ФК Работнички.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија ја освои шампионската титула во Првата лига, а излез во Европа и настап...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА: Бесарт Ибраими (Шкендија)
Тој е човек – титула. Каде игра Бесарт, тимот ја освојува шампионската круна. Така...
Автор makfudbal

Евро-фудбал
Интер во нов обид да го доведе Марко Асенсио

Евро-фудбал
Марко Верати го промени клубот во Катар
