Connect with us

Руди Гарсија: Македонија има одлични играчи, Елмас, Барди, Алиоски…нема да ни биде лесно

Селекторот на белгиската фудбалска репрезентација, Руди Гарсија, со сериозност и респект зборуваше за Македонија на денешната прес-конференција пред утрешниот квалификациски натпревар за Светското првенство.

Иако сезоната на клупско ниво е завршена, Гарсија смета дека неговите фудбалери се подготвени за предизвикот. Тој подвлече дека тимот е физички спремен, но потенцираше дека само максимален ангажман може да донесе позитивен резултат во Скопје.

„Имајќи предвид дека сме на крајот од сезоната, нормално е да има замор, но сите 26 фудбалери кои ги повикав се во добра форма. Некои имаат специфични ситуации во своите клубови, но генерално гледано – подготвени се. Она што ме радува е што сите дојдоа со силна желба да победат“, рече Гарсија, додавајќи дека гостувањата никогаш не се лесни.

Белгијците решија порано да пристигнат во Македонија, со цел подобро да се адаптираат на условите.

„Климатските услови секогаш играат улога. Знаеме дека навечер ќе биде малку посвежо, но и влажноста тука е поинаква. Сакавме играчите да се навикнат на амбиентот и затоа дојдовме порано. Тоа е дел од нашата сериозна подготовка“, објасни тој.

Гарсија е свесен за потенцијалот на македонскиот тим. Иако го познава Елмас од претходната соработка, подвлече дека Македонија не е тим на поединци.

„Елмас е одличен фудбалер, но Македонија има и други квалитетни имиња како Барди и Алиоски. Тимот е организиран, знае да игра под притисок и секоја грешка знае да ја казни. Не смееме да си дозволиме ниту момент на опуштање“, предупреди белгискиот стратег.

Ова ќе биде прв натпревар за Белгија во овие квалификации, за разлика од Македонија која веќе има четири освоени бода. Сепак, Гарсија уверува дека неговите избраници се фокусирани и подготвени да го дадат максимумот.

„Нема лесни мечеви на ова ниво. Ја анализиравме Македонија, ги знаеме нивните доблести. Нашата цел е јасна – ќе се бориме за победа“, заклучи селекторот на Белгија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови