Connect with us

Почнува ЛШ: Елмас, Адеми и Ристовски ќе уживаат во дуелите со европската елита

Лигата на шампионите се враќа со очекувања за уште поинтересни пресметки и со уште поголем број претенденти за освојување на трофејот кој цела сезона ќе биде во рацете на Реал Мадрид. Со осум натпревари денеска се отвора битката во групната фаза, а исто толку ќе се одиграат и утре. Овојпат финалето ќе биде во Истанбул на 10 јуни 2023 година.


Лигата на шампионите оваа сезона ќе има и тројца Македонци, Елиф Елмас со Наполи и Аријан Адеми и Стефан Ристовски со Динамо Загреб.

Шампионот Реал Мадрид докажа дека никогаш не треба да биде отпишан, но оваа сезона ќе мора да го брани трофејот во жестока конкуренција. Пари Сен Жермен има огрпмна желба, Манчестер Сити е посилен за Ерлинг Халанд, Барселона повторно е жива и многу силна, а и Ливерпул има докажана класа. Со Баерн Минхен, веројатно тоа се и главните фаворити за кревање на трофејот.
Италијанскиот шампион Милан, градскиот ривал Интер, Јувентус, па дури и Тотенхем, ќе бараат свое место под сонецот за да импресионираат, а тоа секогаш гарантира интересни дуели.

Ајнтрахт Франкфурт, кој минатата сезона триумфираше во Лига Европа, дебитира во групите од Лигата на шампионите. Така, за првпат во историјата дури пет германски селекции ќе бидат дел од групната фаза. Вреди да се напомене и фактот дека и двата шкотски гиганти, Селтик и Глазгов Ренџерс, исто така се тука.

Регулативата за минување на групите останува иста. 32 екипи се поделени во 8 групи, при што првите две продолжуваат во осминафиналето, третата во поредокот се префрлува во Лига Европа, а последната е елиминирана и го завршува европскиот пат за оваа сезона.

Разликата овојпат е што групната фаза ќе заврши брзо – до почетокот на ноември, а тоа е направено поради Светското првенство кое започнува на 20 ноември. Така, натпреварите се закажани за 6/7 септември, 13/14 септември, 4/5 октомври, 11/12 октомври, 25/26 октомври и 1/2 ноември.

Веќе на првиот натпреварувачки ден не очекува возбудлив дуел како ПСЖ – Јувентус, а шампионот Реал ќе се докажува против борбениот Селтик во Шкотска. Манчестер Сити ќе гостува кај Севилја.
За нас посебно интересен е дуелот меѓу Динамо Загреб и Челси. Адеми и Ристовски со Динамо Загреб го пречекуваат англискиот гигант.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови