Connect with us

Пикси: Знам дека некои српски аналитичари ќе навиваат за Албанија

Фудбалската репрезентација на Србија, по тешкиот домашен пораз од 0-5 од Англија минатиот месец, влегува во нова репрезентативна акција со цел да се рехабилитира. Српската репрезентација во сабота, на 11 октомври, од 20:45 часот во Лесковац ќе ја пречека Албанија, а три дена подоцна ќе гостува кај Андора.

Дуелот со Албанија е во фокусот, а селекторот Драган Стојковиќ – Пикси истакна дека неговиот тим не бара изговори и дека мотивација нема да недостига.

„Знаеме колку ни значи победата. Свесни сме и што би значел реми или пораз, но за тоа воопшто не размислуваме“, изјави Стојковиќ и додаде:

„Нема да биде лесно, но ниту ним нема да им биде едноставно. Денес повеќе нема аутсајдери – сите знаат да се борат и сите знаат да играат фудбал.“

Стојковиќ нагласи дека овој натпревар е од огромно значење – и поради резултатот, и поради продолжението на квалификациите.

„Не смее да ни се случи четворица играчи да бараат замена на полувреме, како против Летонија. Тоа е бесмислено. Причината е што не играат доволно во своите клубови, што ни создава проблем,“ додаде Пикси.

„Некои аналитичари ќе навиваат за Албанија“

Дополнително внимание во Србија и регионот предизвика неговиот коментар упатен кон домашните фудбалски аналитичари – многумина сметаат дека мислел на Раде Богдановиќ.

„Разни критичари и аналитичари ќе го следат мечот, можеби некои овојпат дури и ќе навиваат за Албанија – сигурно има и такви. Но, тоа не ме оптоварува. Сакам мојот тим да го подготвам најдобро што можам и во Лесковац да одиграме квалитетен натпревар,“ рече Стојковиќ.

Богдановиќ жестоко го критикуваше Пикси

Поранешниот фудбалер и аналитичар Раде Богдановиќ беше остар по тешкиот пораз од Англија:


„Начинот на кој загубивме ги фрли навивачите во некоја форма на депресија. Пикси како селектор не изгради систем, ниту група играчи кои ќе му обезбедат континуитет. Има таму и некои луѓе од Шпанија, од Марбеља, кои му се мешаат во работата и му протнуваат свои играчи.

Но сега нема да ги прозивам. Она што ме загрижува се неговите изјави – тие што ги дава не можат ни интелигентни луѓе да ги протолкуваат. Да ја префрлиш вината на играчите, да им кажеш дека се спори, троми, дека немаат минутажа – тоа за мене е знак на недисциплина и неодговорност кај еден селектор кој ја претставува државата“, изјави Богдановиќ.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови