Connect with us

Пелистер и Башкими дојдоа до важни победи, Филип Алексовски двоен стрелец за кумановци

Пелистер и Башкими успеаја да стигнат до важни победи во двата последни натпревари од третото коло во Првата лига. Пелистер во Кавадарци го совлада Шкупи со 2-0, а Башкими пред домашните гледачи во Куманово славеше против Тиквеш со 3-1.

Шкупи имаше сили да парира едно полувреме против „пелистерци“. Тренерот на Пелистер на почетокот на второто полувреме во игра го уфрли Петар Ристиќ, кој за 45 минути го заслужи епитетот играч на натпреварот, со постигнат гол и забележана асистенција.

Ристиќ се снајде најдобро во мешаницата во 60.минута, кога Гроте двапати интервенираше, но немаше сили да го одбрани и ударот на српскиот интернационалец.

Ристиќ во 85.минута одлично го проигра Лука Булатовиќ во противничкиот шеснаесетник, а тој реализираше со удар со левата нога.

Во Куманово се одигра возбудлив меч со многу шанси и атрактивни моменти, кој навивачите го следеа со големо уживање. Херој на средбата беше Филип Алексовски, кој блесна со два погодоци и практично го однесе Башкими до победата.

Алексовски првпат ја затресе мрежата на Стевковски во 36. минута со мајсторски гол – по прекрасна акција и уште подобра завршница. Со лажен шут ги остави зад себе двајцата противнички дефанзивци, а потоа во пад рутински го матираше голманот. Вториот погодок го постигна во 78. минута.

Во листата на стрелци за Башкими се запиша и Марко Симоновски, додека Тиквеш успеа да намали преку Филип Мишов. Неговиот погодок беше признаен по ВАР-проверка, а технологијата беше во центарот на вниманието и во други ситуации, бидејќи судијата имаше многу работа во овој борбен и интензивен дуел.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови