Connect with us

Остварување на сонот на Меси или нова титула за Франција?

Аргентина ќе го предизвика светскиот првак Франција во финалето на Светското првенство во Катар. Финалниот натпревар е закажан за 16 часот на стадионот „Лусаил“ во Катар.


Избраниците на Дидие Дешамп се стремат кон втора последователна светска титула. Сепак, во Аргентина, како и многу други ширум светот, сакаат да го видат Лионел Меси на врвот на светот. За капитенот на „гаучосите“ ова ќе биде последна можност да дојде до титулата што му недостасува.

Пред осум години, финалната трка за титулата заврши болно за него, бидејќи Аргентинците загубија од Германија со голот на Марио Геце во продолженијата.

Аргентина по шести пат во историјата ќе игра во финале и има три порази. Двете светски титули беа освоени во 1978 и 1986 година. Процентот на успешност на Французите е далеку поголема. За нив ова е четврто финале по триумфите во 1998 и 2018 година и поразот од Италија во 2006.

Тимот на Лионел Скалони ја започна својата кампања во Катар со шокантен пораз од Саудиска Арабија. Потоа следеа победите над Мексико и над Полска во групата, успехот од 2-1 над Австралија во осминафиналето, драматичната победа на пенали против Холандија и убедливата победа од 3-0 над Хрватска во полуфиналето.

Французите исто така имаат еден пораз, но тоа беше во последниот натпревар од групната фаза. Тие загубија со 1-0 од Тунис, но претходно ги победија Австралија и Данска. Потоа последовно ги елиминираа Полска, Англија и Мароко.

За многумина ова ќе биде битка меѓу двете големи ѕвезди Лионел Меси и Килијан Мбапе, кои се соиграчи во Пари Сен Жермен. И двајцата имаат по пет постигнати гола досега.

Меси дава сѐ од себе на Мундијалот и е вистински лидер на тимот. Тој одигра еден од своите најдобри натпревари во полуфиналето против Хрватска, кога постигна гол и имаше брилијантна асистенција.

Мбапе не беше во супер елемент на последните два меча, но секако е огромен адут на Дешамп и Франција.

Со по четири гола во Катар се и партнерите на двете ѕвезди во нападот Оливие Жиру, кој веќе е стрелец број 1 во историјата на Франција, и Хулијан Алварез за Аргентина.

Се очекува да има огромно аргентинско присуство на трибините да биде фактор. Навивачите на „гаучосите“ на титулата чекаат 36 години. Сепак, публиката не успеа да му помогне на Мароко во полуфиналето, иако поддржувачите на Африканците беа далеку побројни од Хрватите.

Во францускиот тим има кадровски проблеми. Тимот на Дешамп се справи со отсуството на играчи како Карим Бензема и Пол Погба, кои отпаднаа од составот пред почетокот на Светското првенство. Сепак, проблемите продолжија, Лукас Хернандез се повреди на првиот меч, а последните денови неколкумина боледуваа од грип. Тоа беше причината што Дајот Упамекано и Адриен Рабио го пропуштија мечот со Мароко.

Последните најави се дека и Оливие Жиру добил силен удар во коленото на тренинг и дека и тој е неизвесен за настап.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови