Connect with us

Мурињо жестоко се скарал со газдите на Рома пред да добие отказ

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, завчера се скарал со сопственикот на клубот, Ден Фридкин, кога дознал дека ќе добие отказ, а не бил добар ниту неговиот однос со неколку играчи на тимот на Рома, објавија денеска италијанските медиуми.


Рома вчера го отпушти Мурињо поради лошите резултати, а „Кориере дело Спорт“ објави дека Португалецот не очекувал ваква ненадејна одлука на сопственикот на клубот.

„Кориере“ пишува дека Мурињо збеснал кога слушнал дека ќе добие отказ во вторник наутро. Како што наведе римскиот весник – „Воопшто не го прифати тоа добро“.

Се вели дека Фридкин го обвинил Мурињо за „одредени недостатоци“, а тренерот возвратил со споменување на ветувања кои сопственикот на клубот не ги исполнил.

Весникот потврди дека Ден Фридкин размислувал да го отпушти Мурињо по поразот од Севилја на пенали во финалето на Лига Европа минатата сезона, како и по поразот од Џенова со 4-1 во септември. Сопствениците никогаш не размислувале за можноста за продолжување на договорот со Мурињо по истекот на договорот во јуни, пишува весникот.

Челниците на клубот не беа задоволни од постојаното обвинување на судиите од страна на Мурињо, како и од неговите поплаки за трансфер стратегијата, вклучувајќи ја и фотографијата што ја објави на социјалните мрежи на која позира со членовите на стручниот штаб, оставајќи празнина за напаѓач што клубот допрва треба да го потпише.

Исто така, односот на Мурињо со одредени играчи не бил идеален. Тој наводно се скарал со Крис Смолинг во октомври и во текот на сезоната го исмејувал англискиот дефанзивец за неговата лоша физичка форма. Смолинг одигра три натпревари оваа сезона и сега би можел да се врати во тимот.

Од односот на Мурињо наводно не бил задоволен ниту Лоренцо Пелегрини, а со тренерот не се согласувале Леонардо Спинацола и Ренато Санчез.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови