Connect with us

ЛШ: ПСЖ ја тресна Барса, триумф за Наполи, реми за Сити (ВИДЕО)

Барселона и ПСЖ одиграа возбудливо дерби во второто коло од Лигата на шампионите, а победата замина кај францускиот тим, кој славеше со гол во последната минута од регуларното време (1-2).

„Светците“ од Париз допатуваа без неколку клучни првотимци, но успеаја да стигнат до триумф на „Монжуик“ и покажаа дека не случајно се актуелни европски шампиони.


Барселона поведе со погодокот на Феран Торес, кој доби прецизна асистенција од Ламин Јамал, но ПСЖ возврати со голот на Сени Мајулу. На паузата резултатот беше 1-1.

Второто полувреме имаше поумерено темпо, иако имаше уште неколку добри шанси и една статива на Кореецот Ли Канг-Ин. Комплетното изненадување за домашните фанови пристигна во 90. минута, кога Гонсало Рамош доби одлична топка од Ашраф Хакими и погоди за 1-2.

Италијанскиот шампион Наполи се радува на одличната игра на напаѓачот Расмус Хојлунд, кој постигна два гола во победата над Спортинг Лисабон со 2-1.

Одличен натпревар одигра и искусниот Кевин Де Бруин, кој двапати асистираше за својот дански колега. Нашиот Ељиф Елмас остана на клупата и не доби шанса, а „партенопеите“ ги впишаа првите три бода по враќањето во елитното друштво.

Борусија Дортмунд ја забележа првата победа во елитата, совладувајќи го Атлетик Билбао со 4-1. Стрелци за „милионерите“ беа Свенсон, Гираси, Брант и Чуквуемека, додека почесен погодок за гостите постигна Горка Гурузета.

Баер Леверкузен и ПСВ Ајндховен ги поделија бодовите со реми 1-1. На двете страни по еден гол постигнаа Кристијан Кофане и Исмаел Саибари.

Вилјареал и Јувентус одиграа реми 2-2 во рамките на второто коло од Лигата на шампионите. Натпреварот на „Естадио де ла Керамика“ понуди четири погодоци, еден гостински пресврт и на крај бод за домашниот тим.

Резултатот го отвори Ѓиорги Микаутадѕе во 18. минута (1-0). До полувремето немаше промени, но на почетокот на второто полувреме блесна „старата дама“. Прво, Федерико Гати со атрактивни ножички во стилот на Кристијано Роналдо израмни на 1-1 во 49. минута, а седум минути подоцна Франциско Консеисао погоди за пресврт. Сепак, со голот на Ренато Веига пред крајот, Вилјареал успеа да избегне пораз и освои прв бод во елитата.

Изненадувачко реми 2-2 одиграа и Монако и Манчестер Сити. „Граѓаните“ двапати водеа на гостувањето во кнежевството, но мораа да се задоволат со бод. Ерлинг Халанд постигна прв гол во 15. минута, а само три минути подоцна Тезе израмни за домашните. Пред полувремето, Норвежанецот повторно реализира за водство 1-2. Овој резултат беше актуелен до самиот крај, кога во 90. минута Ерик Дајер од пенал донесе конечни 2-2.

Арсенал ја забележа втората идентична победа со 2-0 во Лигата на шампионите, овојпат против Олимпијакос на „Емирати“.

Габриел Мартинели донесе водство за „топчиите“ по 12 минути игра. На полувремето резултатот остана непроменет, а во продолжението Грците имаа поништен гол на Чикињо. Точка на победата во судиското продолжение стави Букајо Сака.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови