Connect with us

Лиам Делап потпиша за Челси во трансфер вреден 30 милиони фунти

Челси го финализираше трансферот на напаѓачот Лиам Делап од Ипсвич, откако лондонскиот клуб ја активираше откупната клаузула вредна 30 милиони фунти. 22-годишниот англиски напаѓач потпиша шестгодишен договор со „сините“ и ќе биде ново засилување во офанзивната линија на тимот на Енцо Мареска.

Лондонскиот гигант ќе исплати 20 милиони фунти однапред, додека преостанатата сума ќе биде во форма на бонуси и проценти од идна продажба, што Ипсвич го договорил како дел од зделката. Делап беше предмет на интерес и од Манчестер Јунајтед, Њукасл и Евертон, но на крајот се реши за преселба на „Стемфорд Бриџ“.

„Свесен сум за големината на овој клуб и ја гледам насоката во која се движи со овие играчи и тренер. Ова ќе биде неверојатно место за мојот развој и се надевам дека ќе постигнам големи работи тука и ќе му помогнам на клубот да освои уште трофеи“, изјави Делап при официјалното претставување.

Минатата сезона Делап постигна 12 голови на 37 натпревари во Премиер – лигата за Ипсвич. Тој е производ на академијата на Манчестер Сити, каде што беше сметан за голем талент. Претходно играше на позајмица во Стоук, Престон и Хал Сити, пред Ипсвич да го откупи за 20 милиони фунти во 2024 година.

Лиам е син на поранешниот репрезентативец на Република Ирска, Рори Делап, познат по своите фрлања од аут. Својата младинска кариера ја започна во академијата на Дерби Каунти, а потоа премина во Манчестер Сити, за чии прв тим настапи шестпати, постигнувајќи еден гол во Лига купот.

Со овој потег, Челси продолжува со засилувања фокусирани на млади таленти, градејќи тим за иднината под водство на новиот стратег Енцо Мареска.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови