Connect with us

Кирил Гогов: Брегалница ќе биде уште посилна, јубилејот „100 години постоење“ ќе го славиме со влез во Прва лига

Управниот одбор на ФФМ денеска и официјално донесе одлука следната 2020/2021 сезона во Првата македонска фудбалска лига да брои 12 екипи, со што на ФК Брегалница, како второпласирана во моментот на прекин на шампионатот во Втората лига – Исток остана надвор од можност за прволигашка промоција.

Со свое соопштение до јавноста се огласи сопственикот на клубот, Кирил Гогов, под чие водство на очиглед на целокупната домашна фудбалска јавност штипскиот клуб, и од организациски и од спортски аспект, ФК Брегалница и Штип повторно се враќаат како еден од клучните фудбалски центри во земјава.

„Како клуб сакаме да изразиме огромно жалење за скратената можност рамноправно да се бориме за влез во Првата македонска фудбалска лига, и со тоа да докажеме дека сме еден од најорганизираните клубови во државава а нашето место е во елитата. Меѓутоа за ФК БРЕГАЛНИЦА од оваа сезона ќе остане да зборуваат сите нескриени успешни проекти и резултати кои ни го вратија епитетот – еден од најреспектабилните клубови во Македонија. Успеавме за краток период да ја консолидираме младинската школа предводена од  кординаторот Борче Постолов, која до прекинот беше на првото место во лигата со убедливи 20 бода предност во однос на второпласираниот. Сето тоа ни дава надеж дека барем во младинските категории следната сезона ќе добиеме шанса да се натпреваруваме во Супер-лигата. За жал, со појавувањето на пандемијата COVID-19 беше прекинато првенството во Втората лига – Исток и тоа во момент на само три дена пред големата дерби пресметка на Истокот, меѓу Брегалница и Беласица. Дерби кое ќе ја покажеше вистинската слика околу квалитативниот распоред на силите во првенството, и реалниот пласман на табелата“ – вели Гогов во соопштението до јавноста објавено на официјалната интернет страница на клубот, и дополнува:

„Но, денес може само да жалиме за многу изгубени бодови во текот на, сега веќе, изминатата незавршена сезона. И покрај апсолутната доминација буквално на секој натпревар, за жал, на неколку натпревари останавме без заслужени бодови кои во моментот на прекин на шампионатот не оставија без првата позиција. Како светла точка оваа сезона се уште ни останува КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА каде како полуфиналисти не очекува натпреварот со минатогодишниот освојувач, екипата на Академија Пандев. Тоа е за нас голем предизвик и нова можност да покажеме и докажеме дека нашето место е во Првата лига. Доколку успееме да се пласираме во толку посакуваното финале кое ќе значи и најголем успех на нашиот клуб во историјата, може само да ветиме дека ќе го дадеме максимумот и да стигнеме до трофејот во најмасовното домашно клупско натпреварување, што ќе ни овозможи и излез во Европа. Не знам и не сум сигурен, но можеби ќе бидеме и првиот второлигашки клуб во историјата на фудбалот кој ќе игра во Европа!“.

Гогов најавува дека следната сезона неговиот клуб ќе биде уште подобар и поорганизиран и во годината на одбележување „100 години постоење“, ФК Брегалница ќе слави и влез во Првата лига.

„Почитувани навивачи и симпатизери на клубот, сакам да истакнам дека и покрај нашето големо разочарување од една ваква непосакувана разврска не сезоната, нема да застанеме на патот до нашата силно зацртана цел. А тоа е изградба на клуб кој ќе се темели единствено на стратешки и долгорочни цели. Изградба на ФК БРЕГАЛНИЦА каква сите ја посакуваме. Може само силно да ветам дека континуираното вложување во подобри услови за работа на фудбалерите и стручниот штаб како и континуираното вложување во инфраструктура на клубот ќе продолжат и понатаму со несмален интензитет. Следната сезона ФК БРЕГАЛНИЦА ќе биде уште подобра и поорганизирана! Следната година нашиот клуб слави јубилеј „100 години постоење“. Заедно ќе го прославиме овој голем јубилеј со влез во Првата лига!“ – истакнува Кирил Гогов.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови