
Едно од најпрепознатливите имиња на македонскиот фудбал во последните две децении, Иван Тричковски, и официјално стави крај на својата професионална играчка кариера.
По завршувањето на сезоната со кипарскиот клуб АЕЛ Лимасол, 38-годишниот Тричковски реши да ја затвори својата блескава кариера, оставајќи зад себе богато фудбалско наследство, исполнето со бројни успеси на клупско и репрезентативно ниво.
Тричковски веќе беше повлечен од македонската репрезентација по Европското првенство во 2021 година, а сега го завршува и својот последен играчки ангажман. Но, иако ги закачува копачките на ѕид, тој не се оддалечува од фудбалот. Напротив – ќе остане дел од АЕЛ Лимасол, сега во нова функција како генерален директор на клубот.
Оваа понуда, како што е познато, Тричковски не можел да ја одбие, а веќе пристигнаа и првите честитки за новата улога.
„Крај на кариерата на еден голем играч и човек. Среќен и горд сум што бев дел од менаџментот на фудбалската кариера на Иван Тричковски, на кого му посакувам многу успех во иднина како генерален директор на АЕЛ Лимасол“, напиша Никола Ѓошевски, познатиот македонски фудбалски менаџер кој со години ја водеше кариерата на Тричковски.
Иван Тричковски остави длабока трага во македонскиот фудбал, играјќи за Вардар и за Работнички но и настапувајќи за клубови ширум Европа, меѓу кои и Црвена Звезда, АПОЕЛ, Клуб Бриж, АЕК Ларнака и уште неколку тимови на Кипар, каде ги помина и најконстантните години од својата кариера.
За фудбалската репрезентација на Македонија одигра 67 натпревари и постигна седум гола.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Четири натпревари, нема многу избор, но, сепак, победите мора да се вреднуваат. Вардар успеа...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Ќе си ја земам топката и ќе си одам – Кај ќе одиш, на апарати?!
Кај нас во маало, а верувам и во други маала низ нашава Македонија, најубавата...
Автор Nikola Gjurovski

Втора лига
Полициската истрага се шири и во Башкими?

Евро-фудбал
Јувентус го враќа Виктор Осимен во Серија А
