Connect with us

Исак јавно проговори: Односите со Њукасл се нарушени, најдобро е да се разделиме

Напаѓачот на Њукасл, Александер Исак, првпат јавно проговори за својата ситуација во клубот откако започна сагата околу можниот негов трансфер во Ливерпул. Швеѓанецот повод за изјава најде на наградите на Асоцијацијата на професионалните фудбалери во Англија (ПФА), каде што беше еден од шестмината номинирани за Играч на сезоната и истовремено се најде во идеалниот тим на Премиер – лигата.

Исак истакна дека клубот не го исполнил своето ветување кон него, поради што довербата е нарушена. Тој додаде дека токму поради тоа односите меѓу него и Њукасл не можат да продолжат и дека промената е најдобро решение за сите страни.

Раководството на Ливерпул, пак, дало зелено светло за рекордна понуда за Исак, која според медиумите на Островот ќе изнесува 130 милиони евра и ќе биде испратена по меѓусебниот дуел меѓу двата тима во понеделник.

„Горд сум што добив признание од своите колеги и што се најдов во Тимот на сезоната на ПФА за Премиер – лигата минатата сезона. Најпрво сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи и на сите во Њукасл кои ме поддржуваа на овој пат.

Вечерва не присуствувам на церемонијата. Со сè што се случува, не ми изгледаше соодветно да бидам таму.

Долго време молчев, додека други зборуваа. Тоа молчење им овозможи на луѓето да наметнат своја верзија за настаните, иако знаат дека таа не ја одразува вистинската слика и она што беше кажано и договорено зад кулисите. Реалноста е дека беа дадени ветувања, а клубот одамна ја знае мојата позиција. Сега да се однесуваат како овие проблеми дури сега да излегуваат на виделина е погрешно.

Кога ветувањата се кршат и довербата се губи, односите не можат да продолжат. Тоа е ситуацијата за мене во моментов – и токму затоа промената е во најдобар интерес за сите, не само за мене“, напиша Исак на својот профил на Инстаграм.

Потсетување, пред неколку недели беше откриено дека минатото лето Њукасл го информирал Исак дека поради финансиските правила не може да му понуди нов договор. Тогаш напаѓачот јасно ставил до знаење дека ова ќе биде неговата последна сезона во дресот на „чавките“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови