Connect with us

Инфантино за случајот Израел: „ФИФА не може да решава политички прашања“

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека организацијата мора да промовира мир и единство, но дека не може да решава политички прашања, во услови на сè погласни повици Израел да биде исклучен од меѓународните натпреварувања.

Инфантино претседаваше со состанокот на Советот на ФИФА, на чиј дневен ред не беше ставено прашањето за Израел, кој овој месец ќе ги продолжи настапите во квалификациите за Светското првенство 2026 година во САД, Мексико и Канада.

Изминатите недели повеќе организации побараа од ФИФА и Европската фудбалска унија (УЕФА) да го суспендираат Израел, откако Истражната комисија на Обединетите нации во септември соопшти дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа.

Инфантино пред 37-члениот Совет ја нагласи „важноста од промоција на мир и единство, особено во контекст на актуелната ситуација во Газа“, стои во соопштението на ФИФА, кое не се однесуваше директно на Израел.

„ФИФА не може да решава геополитички проблеми, но може и мора да го промовира фудбалот насекаде во светот, користејќи ги неговите обединувачки, образовни, културни и хуманитарни вредности“, изјави Инфантино.

ФИФА не организираше прес-конференција, па не можеше да му се поставуваат прашања на Инфантино.


Репрезентацијата на Израел ќе игра против Норвешка во Осло на 11 октомври, а три дена подоцна во Удина против Италија, во квалификациите за Мундијалот.

Норвешка е една од фудбалските асоцијации што побара од УЕФА да се гласа во Извршниот комитет пред состанокот на Советот на ФИФА во Цирих, во врска со суспензијата на израелските екипи од меѓународните натпреварувања. Фудбалската федерација на Турција директно ги повика УЕФА и ФИФА да го суспендираат Израел.

Владата на САД соопшти кон крајот на септември дека ќе се обиде да спречи секој обид за забрана на Израел да учествува на Светското првенство 2026 година.

Репрезентацијата на Израел моментално е трета во својата квалификациска група за Мундијалот 2026. Првопласираните тимови од секоја група ќе се пласираат директно на турнирот, а второпласираните ќе играат во бараж.

Израел редовно негира дека неговите акции во Газа претставуваат геноцид и тврди дека се оправдани како средство за самоодбрана.

Израел ја нападна Газа како одговор на нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе, а 251 лице беше киднапирано.

Во израелските напади досега се убиени над 66.000 луѓе во Појасот Газа, главно цивили, според податоците на Министерството за здравство на Хамас, кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови