
Кај нас во маало, а верувам и во други маала низ нашава Македонија, најубавата топка (Танго фудбал, кога јас бев тинејџер) ја имаше дебелко дете, кое има многу пари, од неговите дома. И обично седеше на гол и бранеше, ама кога ќе примеше некој глуп гол, доаѓав да му опнам една заушка. И тој ќе се налутеше, ќе си ја земеше топката – и ќе си одеше дома. И, толку – нема фудбал!
Некогаш и ќе се налутев посилно, ќе му опнев и уште две – три клоци додека си оди со топката под мишка, за да памти дека сме го примиле само заради топката.
Се потсетив на овие тинејџерски денови во неделата, кога фудбалерите на Гостивар си ја земаа топката и си отидоа. Ама не веднаш, туку откако примија два гола и видоа дека ќе загубат. Точно, беа со десетмина на терен, им го исклучија стрелецот на голот Ли Ервин, ама сѐ се случи пред мои очи, на десетина метри, и му влезе на Матеј Ангелов со ѓон, и го „откорна“. Не беше намерен старт, но беше несмасен, груб, и после свиреж на судија. Ги исполни сите услови за да добие црвен од Игор Стојчевски.
Бев горе, на тоа ламарината што демек е некоја си „ложа“ за новинари, а до мене беа и челниците на Гостивар. Енес Уста и Муса Соу. Газдата и спортскиот директор. Имаше и уште еден со нив, тој им донесе чипс и сокчиња, да грицкаат додека гледаат, за да не се нервираат премногу.
И се израдуваа, чесно, на првиот гол на Ли Ервин. Десет минути подоцна тој доби црвен картон, па малку стивнаа, ама со пцовки го „поздравија“ Игор Стојчевски. Работнички израмни и потонаа, а после вториот гол – одеднаш, одлучија да си одат.
Капитенот Алпер Потук ја извади лентата, си имаа некој муабет на турски, и оп – фатија џаде. Каде бе, па не е ова како кога играме во маало! Ќе си ја земам топката и ќе си одам…Кај ќе одиш, на апарати?! Таму поинтересно е? Само тоа (ни) останува, ако нема фудбал. Демек овде судијата е п.дер, таму лимунчињата нон-стоп вртат добро, не се „штелувани“?!
Дечковци, ако сте дошле од демек големи лиги, големи клубови, не значи дека ние овде не знаеме што е фудбал. А знаеме и зошто вие сте дошле овде.
А само 12 часа претходно, бев на прес-конференцијата на ФК Гостивар во „Александар Палас“.
Единствен новинар, имаше уште едно младо момче, од Инстаграм профилот МФЛ. Ама, тој, нели, не е (уште) новинар….Тоа не е ни важно, ама па и важно ми е, оти исто така бев единствен новинар (не сметајќи го Иди, кој сега е спортски директор на Вардар и беше таму во „куќата“ на стадионот во Маџари) и на мечот Гостивар – Работнички, со дополнување дека имаше и двајца фоторепортери, Перо и Пане.
Дечковци, абе доста со бурлески. Имаме ние и гледано и сликано и појаки фаци од вас. А ние, нели, како претставници на јавноста, ја презентираме македонската публика која сака фудбал. Да не заборавам, имаше забрана и за гледачи на натпреваров.
Сакам да ви ги разбијам дилемиве дека сѐ е ова договорено, организирано, прво Воска по директива на ДУИ, па сега овие од Гостивар. Не, бе, многу се радуваа додека водеа.
И сега што праиме, треба клоци и заушки ли, и никогаш да не се врати дебелото дете со фудбалот?! Едното од Охрид си отиде, ама па тоа не знаеше ич да игра. Го примија во Прва лига, ама едвај кроеше тим.
Ова второво, е баш такво, со многу пари. И има и добри играчи. Пола ги избркаа оти не победуваа како што веројатно тие си замислуваа, ама, сепак….Го гледав Дуле Трајчевски додека беа мачните сцени „играм – не играм“, солзи на очи му доаѓаа. Па и за 6 бона месечно, не знам дали се трпи бе да си играч на даљинско. Па, ај сега излези, оти моја е топкава…односно клубов.
Криви ни се судиите. Да бе, тапа се, најголем дел од нив, и јас се сложувам. Ама тапа ни е фудбалов цел, ние стоиме на ламарина демек „ложа“, другите се во „куќата“, третите гледаат на стримче дома и ич не доаѓаат. Четвртите, ич не ги ни заболе.
Вака фудбал јак, нема да напраиме. Ни ВАР ќе не спаси, ни бутур. Сѐ додека не се воспостават правила.
Не може секој да си излегува од лига кој како сака. Не може да си излегува од натпревар кој како сака. Има овде и други. Дошле да ве гледаат на ламарината, на прљавите столчиња, има и многу други што дале и даваат пари за да играат во лигата.
Че си лежите, што би рекле, в Прилеп!
П.С. Текстот е намерно пишуван со маалски речник, за да отслика дека со ваков однос на субјектите во македонскиот фудбал, сѐ ова ни наликува само на маалска игранка. Не е ни фудбалска, за жал!

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Гостивар го напушти теренот откако прими два гола и мечот не се доигра, но...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Ќе си ја земам топката и ќе си одам – Кај ќе одиш, на апарати?!
Кај нас во маало, а верувам и во други маала низ нашава Македонија, најубавата...
Автор Nikola Gjurovski

Втора лига
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ВТОРАТА ЛИГА

Евро-фудбал
Арсенал и ПСЖ во битка за финале во ЛШ
